Каракачанов доби сојузници и во МПЦ?!

СКАНДАЛ: Свештеник на МПЦ од Охрид служел Големобугарска панихида!

На Бадник во храм на МПЦ во Охрид, свештеник на Македонската православна црква држел панихида во која се споменувале имињата на загинатите бугарски фашисти во Втората светска војна.

Свештеникот на МПЦ, Сашо Ристески по нарачка на следбениците на партијата на Красимир Каракачанов во Македонија, на ден пред Божик во Охрид служел панихида во чест на стреланите фашисти во Втората светска војна.

Нарачател на панихидата е невладината организација "Македонско - Бугарско Пријателство“ која ја води Петар Колев, Македонец од Штип, кој за себе вели дека е Бугарин и е член на извршниот комитет на ВМРО-БНД на Каракачанов во Софија.

- Раководството на МБП-Охрид, изрази голема благодарност до отецот Сашо Ристески за неговата безрезервна поддршка спрема нашето здружение - велат од невладината, која отворено е сателит на ВМРО-БНД.

Сама по себе, панихидата не би претставувала проблем, но службата била е во чест на 72 години од стрелањето на окупаторите, кои комунистичките власти ги ликвидирале откако ја ослободиле Македонија од бугарската, фашистичка окупација.

Свештеникот на МПЦ во литургијата ги спомнал имињата на најистакнатите помеѓу стреланите, заедничко за сите е тоа што имаат отворена фашистичка и бугарска определба и скоро никој од нив не се залагал за самостојна и независна Македонија. Споменати биле и војниците кои исто така настрадале од комунистите затоа што сакале да војуваат во Солун, а не на Срем. Во црквата, веднаш по панихидата говор одржал и извесен Крсте Ристески, кој приликата ја искористил за да говори против еден од најголемите македонски херои во Втората светска војна, генералот Михајло Апостолски.

- Генерал Михајло Апостолски со итрина ги примамува офицерите во Офицерскиот клуб во Скопје за да го "решат проблемот", каде што веднаш се разоружуваат, апсат и ги затвораат во занданите на скопската тврдина Калето - ја објаснил Ристески ситуацијата, без докази обвинувајќи го Апостолски за стрелањето на овие војници, иако македонската историографија вели дека тој немал никаква поврзаност со црквата.

Се отпеала панихида и за Димитар Чкатров и Димитар Ѓузелов, отворени колаборационисти од Македонија на фашистичкиот окупатор, за кои постојат и фотографии како салутираат со нацистички поздрав во Втората светска војна. Двајцата учествувале и во депортацијата на над 7.000 Евреи кои својот живот го загубиле во логорите на смртта во Европа, а сега нивните имиња на нивните убијци можеле да се чујат во литургија на Македонската православна црка во Охрид.

Фашистите, од страна на свештеникот и организацијата која ја нарачала панихидата, биле нарекувани како жртви на комунистичкиот режим во Македонија. Симптоматично е и тоа што Бугарската православна црква не ја признава Македонската православна црква, но сепак свештеникот решил да одржи панихида за оваа организација која е отворен бугарски сателит. Во исто време, партијата ментор на МБП, ВМРО-БНД, не ја признава засебноста на македонскиот народ и македонскиот јазик и со самиот свој статут изразува територијални претензии кон Република Македонија.

Сашо Ристески не сака да служи литургија за Благовец - ама служи панихида за бугарски фашисти

Верниците од Охридско Велестово, каде што се наоѓа црквата "Успение на Пресвета Богородица# во која служи свештеникот Ристески, минатата година од МПЦ барале тој да биде сменет затоа што не сакал да служи литургија за христијанскиот празник Благоец.

- Свештеното лице, попот Сашо Ристески не одржа богослужба во црквата "Свето Благовештение" во Рача, ниту пак дојде оваа година во Велестово да врши богослужба за Воскресение Христово-Велигден. Од наша страна како Црковен одбор на "Успение на Пресвета Богородица" Велестово е побарано да имаме свештено лице кое е за овој реон - рекоа тогаш од црковниот одбор.

Тие додадоа дека поради лично несогласување со некој член од одборот, тој не дошол во црквата.

- Без разлика на нивниот однос, попот сепак тој треба да доаѓа за верниците. Може да не оди кај некого дома, но во црквата наша тој веќе е вработен. Ние ќе покренеме иницијатива до Митрополијата и ќе бараме ново свештено лице. Време е ова да се реши, ова е проблем кој трае веќе две години - стоеше во нивната реакција.

Бугарските фашисти партнери на СДСМ

Организацијата Македонско Бугарско Пријателство, пред изборите отворено ја поддржа предизборната платформа на СДСМ. На прес-конференција, лани, Петар Колев, Димче Петкоски и Ѓорѓи Трендафилов кои се дел од организацијата истакнаа дека нивната организација застанува позади платформата на опозицијата за демократска Македонија.

Претходно, нивниот сопартиец, генералниот секретар на ВМРО-БНД, Јулиан Ангелов се израдува на апсењето на претставникот на Македонците во Албанија, Едмонд Темелко.

- Малку му е на овој предавник, напиша Ангелов, објавувајќи ја веста за апсењето на Темелко.

Освен негирање на македонскиот национален идентитет, јазик и црква, континуирано од Софија пристигнува и поддршка кон СДСМ.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари