Каде плови овој брод

Чекаме решение - Нимиц ќе даде рамка?!

Лажен оптимизам за решавање на спорот за името или тајна дипломатија што може да ги премости разликите помеѓу Скопје и Атина е дилемата поврзана со ставање крај на деценискиот спор?

Ако се суди според соопштението од средбата на шефовите на дипломатиите Димитров и Коѕијас, реализирана далеку од очите на јавноста, тогаш преговарачите Наумовски и Василакис, нема да имаат многу работа во Њујорк на 17 јануари, бидејќи нема да добијат нов предлог за името од медијаторот Нимиц.

Во него се вели:

,,Министрите изразија заедничко очекување дека на претстојниот состанок на 17 јануари 2018 г., личниот претставник на Генералниот секретар на ООН г. Нимиц, ќе стави на маса инцијална рамка со која суштински ќе се напредне во надминувањето на разликата околу името. МНР Димитров и МНР Коѕијас разговараа за методологијата, за пристапот на двете страни, како и за рамката на процесот за надминување на разликата околу името, и се сложија да имаат подиректна улога во разговорите со цел надминување на разликата околу името''.

Извори од процесот за решавање на спорот за Сител велат дека и двете страни не се помрднале ниту милиметар од позициите од пред десетина години, односно Грција останува на ,,црвената линија'', име за севкупна употреба, ерга омнес, а Македонија на ,,двојната формула''. Истите позиции биле потенцирани и пред медијаторот Нимиц на средбата во Брисел минатиот месец.

Македонската ,,двојна формула'' со време еволуираше од ставот, едно име во односите со Грција, а друго за остатокот од светот, во формулата едно име за меѓународна, а Република Македонија за домашна употреба, без промени во Уставот. Таа македонска црвена линија беше ставена на маса и за време на преговорите во 2008-ма и во 2014-та.

Патем, медијаторот Нимиц го црпи мандатот токму од резолуцијата 817 на Советот за безбедност, според која двете земји разговараат за промена на референцата БЈРМ, а не за ново име на земјата за внатрешна употреба.

Истите извори за Сител велат дека е нејасен оптимизмот кај премиерите Заев и Ципрас за решавање на спорот во краток период, ако се знае дека опозицијата во двете земји е надвор од процесот, а дополнително рејтингот на партијата на грчкиот премиер опипливо заостанува зад опозициската Нова Демократија. На иста линија се и анкетите на јавното мислење во двете земји кои покажуваат отпор и кај Македонците и кај Грците за решение надвор од нивните црвени линии.

Ниту во Македонија сликата не е розова. Преговарачот Наумовски пред последната рунда разговори беше на одвоени консултации кај Претседателот Иванов и во владата. Дополнително и лидерот на опозицијата Христијан Мицковски потврди дека немаат никакви информации за процесот на решавање на спорот.

Но, за разлика од македонската, моќната грчка дипломатија се подготвува и за ново фијаско во преговорите преку ,,специјална војна'' што ја води преку медиумите. Со постојано протурање нови имиња, Атина би си обезбедила алиби, во случај преговорите да пропаднат и овој пат.

Оттаму, се поставува прашањето дали притисокот од меѓународната заедница, допрвин ќе се следи, односно по постигнување на договор преку тајната дипломатија, која пред преговарачите треба да го наметне решението? Дали таква беше вчерашната средба на шефовите на дипломатиите, но и се поверојатната средба на премиерите од двете земји на форумот во Давос?

Поврзани

Најнови вести

Коментари