Што ќе добие Македонија со масовното ослободување затвореници

Уште помалку од сто осуденици чекаат да излезат на слобода, а досега излегоа околу 700.

Во текот на оваа недела се очекува да излезат сите затвореници кои ќе добијат амнестија, очекуваат надлежните. Досега од околу 800 што ги опфаќа Законот за амнестија, помалку од 100 осуденици се во исчекување затворската полиција да им ги отклучи портите.

Законот за амнестија стапи на сила на 26 јануари, а од тогаш во Кривичниот суд во Скопје се преплавени со барања од осудениците за ослободување или за намалување на казната. Барања пристигаа и од оние кои се во затвор, но и од лицата што се правосилно осудени, но уште не почнале да ја одржуваат казната. Само од затворите до судовите стигнале точно 2.286 барања. Најголемиот дел од овие барања се завршени.

- Можам слободно да кажам дека 80 отсто од барањата се завршени, вкупно од затворите имаше 2.0286. Од околу 800 осуденици што требаше да излезат, уште помалку од 100 чекаат за излегување. Тука мора да се предвид дека и судовите се пренатрупани, зашто покрај овие, ги работат и барањата од осудениците што не се влезени внатре. Мислам дека тековната недела би треба да заврши се – вели за Плусинфо директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ.

Заедно со бројот на поднесени барања и од осуденици кои се внатре и од оние кои сè уште не влегле во затворските ќелии, во Кривичен примиле над 2.500 барања. За повеќе од две третини веќе се донесени решенија, остануваат уште останатите за кои од судот велат дека ќе се одлучи во предвидениот рок од пет дена.

Овие бројки за кои денеска брифираат од судот, минатата недела ги потврди и првиот човек на Кривичен Иван Џолев. Тој на брифингот со новинарите кажа дека за да се запазат роковите, во судот се работело и до полноќ бидејќи за да се изготват решенијата било потребно да се направи увид во околу 10.000 предмети.

Како што веќе беше објавено, меѓу оние кои побарале амнестија е и осудениот Панче Ангелов за насилство врз Радмила Шекеринска за настаните од 27 април во Собранието. Додека се очекува одлука за неговото барање, амнестија веќе доби и осудената во случајот „Керозин" Мариче Пецова.

Додека судскиот персонал во македонските судови во текот на неделава треба да ги одработи и останатите барања за амнестија, судиите во Уставен, пак, на дневен ред треба да го стават Законот за амнестија по поднесата иницијатива за неговата уставност од страна на адвокатот Сашо Дукоски. Неговото барање за оценување на уставноста доаѓа бидејќи амнестијата не ги опфаќа сите кривични дела, што според адвокатот, е спротивно на она што го гарантира Уставот.

Тој ја спори уставноста повикувајќи се на член 9 од Уставот каде е наведено дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите, како и на член 8 во кој се вели дека темелни вредности на уставниот поредок се владеењето на правото и основните човекови слободи и права.

Оваа амнестија е петта по ред во Македонија, законот за неа стапи на сила на 26 јануари, а амин од пратениците во Собранието доби на 15 јануари. Како што предвидува законот, на слобода излегуваат осудените на затворска казна до шест месеци (околу 800 лица), а на останатите (над 3.000) им се намалува затворската казна за 30 отсто. Меѓутоа, со амнестијата не се опфатени оние кои се осудени на доживотен затвор, педофилите, осудените за убиство, сторителите на кривични дела против државата, против човечноста и меѓународното право, против изборите и гласањето.

Поврзани

Најнови вести

Коментари