СДСМ: Тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ се неосновани, Законот за јазиците е согласно Уставот

Тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ се неосновани, а измените на Законот за употреба на јазиците се целосно во согласност со Уставот на Република Македонија и амандманот пет, реагира СДСМ по критиките упатени од опозицијата за Законот за јазиците, што вчера беше изгласан во Собранието.

„Законот не фаворизира, туку ја унапредува употребата на сите јазици на немнозинските заедници во Македонија. Цврсто веруваме дека граѓаните во јавните установи треба да можат да комуницираат на својот јазик. Со измените на Законот, употребата на македонскиот и албанскиот јазик нема да биде идентична, не се загрозува уставната положба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како службен јазик на целата територијата и во меѓународните односи“, потенцираат од СДСМ.

Во соопштение испратено до јавноста, владејачката партија вели дека за разлика од долгогодишното запоставување на македонскиот јазик од страна на ВМРО-ДПМНЕ, парламентарното мнозинство и Владата предводена од СДСМ системски ја унапредуваат употребата на македонскиот јазик и јазиците на останатите немнозински заедници.

„Конечно, законот има обединувачка заложба и ќе биде во корист на сите граѓани во Македонија. Јазиците се средство за разбирање, а  разбирањето носи развој за нашата татковина“, стои во соопштението.

СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет да ги надмине политиките на создавање тензии и вештачки поделби меѓу граѓаните коишто, како што велат, беа главна карактеристика на оваа партија во изминатите години.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари