СИТЕ САКААТ РЕШЕНИЕ ЗА ИМЕТО, НО НЕ И ОДГОВОРНОСТ

СДСМ чека на Груевски, Љубчо ја засака референцата

Покажаната конструктивност на Македонија за изнаоѓање решение за спорот со името не успеа да ги помести грчките црвени линии. Медијаторот Метју Нимиц не понуди нов предлог, Грција се подготвува за локални избори, а евроатлантската блокада на земјава продолжува.
Македонските власти велат дека остануваат активни во преговорите и продолжуваат со реформите, но нема прифаќање диктат од Грција. Опозициската СДСМ, пак, е со став дека одговорноста е во рацете на власта и таа мора да најде решение по секоја цена.
- Премиерот Никола Груевски има најголем рејтинг во историјата на Македонија и треба тој рејтинг да го искористи за решавање на крупни политички прашања, а едно од нив е прашањето за спорот со името со Грција, што треба да ги отвори перспективите во НАТО и ЕУ, вели Стевчо Јакимовски од СДСМ во интервју за Радио Слободна Европа.

Според него премиерот е платен да ги решава проблемите на граѓаните, а не опозицијата, која може само да даде поддршка на евентуалниот компромис.

Лидерот на ЛДП, Јован Манасиевски, пак, е на линија со ставот на актуелната влада за референдумско изјаснување.
- Овој процес не може да биде процес што целата одговорност ќе ја носат политичките елити. Тие треба да водат во тој процес, треба да нудат предлози, а не да се кријат зад тој проблем. Но тоа решение што ќе го постигнат политичките елити мора да има граѓанска поддршка, смета Манасиевски.

Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски пак предлага мораторииум од 50 или 100 години на преговорите што се водат со посредство на Обединетите нации.
- Буквално замрзнување на актуелната ситуација. Тоа да биде некаква гаранција за Грција дека Македонија утре кога ќе влезе во НАТО и во Европската унија тоа ќе биде со БЈРМ, а тоа ќе биде од друга страна за македонските политичари некакво премостување на овој период самите заглавија на непотребен начин, вели Георгиевски за Би-Би-Си.
Од опозициската ДПА, пак, отворено порачуваат дека Македонија мора да направи отстапка и да го промени името.

Ламбсдорф: Унијата нема да увезува конфликти од Балканот
Германија секогаш ја поддржувала и ја поддржува перспективата на Западнио Балкан за членство во ЕУ, но Унијата нема да увезува конфликти од Балканот, изјави пратеникот на Министерството за надворешни работи за југоисточна Европа, Николаус Ламбсдорф.
Во интервју за Дојче веле тој вели дека на Балканот недостасуваат многу работи, но и дека многу е постигнато посебно на планот на стабилизацијата, која веќе не значи само завршување на војните туку и стабилизирање на демократијата и економскиот напредок.
Кога станува збор за нерешените конфликти, како што е оној меѓу Грција и Македонија за името, Ламбсдорф нагласува дека земјите од Западниот Балкан мора да ги решат споровите ако сакаат во ЕУ.
- Секој кандидат за пристап во ЕУ мора да докаже дека ги решил своите конфликти со другите. Тие конфликти нема да ги увезуваме во Унијата. Тоа во одделни случаи секако нема да биде лесно, но сите земји од Западен Балкан го сфатија тоа, истакна германскиот функционер.

Поврзани

Најнови вести

Коментари