Заврши „Пивофест“

Прилеп докажа дека е најфестивалски град

Синоќа во Прилеп заврши 15. фестивал на пивото „Пивофест". Сите четири фестивалски дена поминаа весело, со илјадници посетители од сите страни и во добра организација, беше истакнато на денешната прес-конференција на организаторите.

Според водителката на фестивалот Маријана Станојковска, помина уште еден одлично организиран фестивал.

- Сите четири фестивалски денови поминаа во одлична организација и Прилеп уште еднаш докажа дека е најфестивалски град, рече Станојковска.

Талија Петреска од Центарот за граѓанска иницијатива оцени дека фестивалот е успешен затоа што ниту врнежите во текот на вчерашниот ден не ја нарушија веселата атмосфера.

- Задоволни сме како помина фестивалот. Гостите беа, особено вчера, навистина упорни и покрај дождот, кога последна на фестивалот настапи музичката ѕвезда Северина. Сите денови се дегустираше пиво, се јадеше вкусна скара и големиот број музички ѕвезди од земјава и од Балканот атмосферата ја направија незаборавна, рече Петреска.

За прилепскиот градоначалник Марјан Ристески за добрата организација на јубилејниот 15 „Пивофест" заслужни се сите учесници, пиварниците, угостителите и гостите кои ги имаше од сите страни.

- Сите учесници придонесоа за одлично да помине уште едно издание на овој голем фестивал. А годинава, во почетокот не се знаеше точно дали ќе се одржи поради политичката ситуација и неизвесните ингеренции на локалната самоуправа. Но, граѓаните сакаа уште едно фестивалско издание и во многу краток рок, три-четири недели, го организиравме Фестивалот. Задоволни сме од тоа како поминаа сите четири фестивалски дена. Илјадници посетители од земјава и од странство се забавуваа на фестивалот. Организацијата беше на највисоко ниво, немаше поголем инцидент, освен некои ситни кои се дел од веселата фестивалска атмосфера, рече Ристески.

Најави дека во текот на денешниот ден целото градско централно подрачје комуналните служби ќе го расчистат.

Поврзани

Најнови вести

Коментари