Меѓународната заедница со позитивни реакции за чекорот на македонскиот претседател

Потегот на Иванов е демократски и води кон напредок на Македонија на европскиот пат

Меѓународната заедница го поздрави чекорот на македонскиот претседател Ѓорге Иванов за решавање на политичката криза со именување на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за мандатар на идната влада.

Американскиот заменик-помошник државен секретар за средна и јужна Европа, Брајан Хојт Ји, кој беше последен висок функционер што ја посети државава со цел да даде придонес во решавање на политичката криза која настана по потпишувањето на т.н тиранската платформа изјави дека се подготвени да ја поддржат демократијата и напредокот на Македонија на европскиот пат.

- Ние, заедно со нашите европски партнери навистина силно го поттикнувавме претседателот да го почитува Уставот и европските демократски норми и да го додели мандатот за состав на Владата на мнозинството во Собранието, изјави Хојт Ји.

И вршителот на должност шеф на мисијата во Амбасадата на САД, Микаела Швајцер Блум, го поздрави напредокот во однос на формирањето нова влада и истакна дека очекува таа брзо да се формира, а САД, како што нагласува, остануваат партнер на Македонија.

- Важно е да се знае и дека претседателот Иванов и лидерите на партиите од коалицијата на мнозинството најдоа начин да соработуваат на конструктивен начин за доброто на македонските граѓани. Пред Македонија, претстои многу работа на итните реформи за да може да напредува забрзано во евроатлантската заедница. САД остануваат пријатели и партнери со Македонија и очекуваме да соработуваме со новата влада, за да ја поддржиме во тие реформи и прогресот, вели Швајцер Блум во изјавата објавена на веб-страницата на Амбасадата на САД.

Првиот поздрав на одлуката на Иванов, само неколку минути по врачувањето на мандатот, беше поздравена и од официјален Брисел. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан во заедничка изјава изразија надеж дека конструктивниот дух ќе продолжи да преовладува, така што земјата ќе може конечно да излезе од политичката криза.

- Ги повикуваме сите парламентарни партии да ги остават нивните поделби настрана и да работат заедно на заедничката агенда за реформи, за земјата да се врати назад на патот на евроатланската интеграција. Тоа е она што го луѓето сакаат и го заслужуваат. Ние сме подготвени да ја поддржиме новата Влада во нејзините реформски напори, потенцираат Хан и Могерини.

Веднаш по нив, со честитки за потегот на македонскиот претседател се јави и Северно-атлантската алијанса. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг го нарече „чекор во вистинска насока" .

- Ја поздравувам одлуката на претседателот Иванов да му даде мандат на парламентарното мнозинство на господинот Заев за формирање на нова влада. Ова е чекор во вистинската насока и нешто што е правилно направено. Охрабрувам брзо формирање на новата влада, навремено потврдено гласање во Парламентот и конструктивен став на сите партии. Тоа е важно за земјата да започне да се фокусира на своите итно потребни реформи. Апелирам до сите оние кои се заинтересирани да продолжат со напорите за унапредување на евро-атлантските аспирации на земјата, порача Јенс Столтенберг.

Амбасадорот на Полска во Македонија, Јацек Мултановски изјави дека очекува по доделување на мандадатот формирање влада која ќе работи на реформите за евроинтеграциите за што ќе ја има полската поддршка.

- Претседателот Иванов го даде мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев и тоа е важен чекор во процесот на формирање нова влада што се надевам дека ќе биде способна да ги спроведе сите неопходни реформи за евроатлантска интеграција. Полска е силен поддржувач на македонските евроатлантски аспирации и сме подготвени да соработуваме со вас и да ви помогнеме во тој процес, изјави Мултановски.

Германското МНР ги повика сите актери во Скопје сега да работат заедно и конструктивно во преговорите за создавање на претстојната владина коалиција.
Поддршка за чекорот на претседателот Иванов за надминување на кризата пристигна и од нашите соседи.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов оцени дека сега се е во рацете на политичарите во Македонија и истакна дека со новата влада ќе разговараат за европскиот план за Македонија.

- Моментот кога ќе има влада ќе организираме билатерална средба со колегите од Македонија, заедно со министрите за надворешни работи и да го направиме европскиот план за Македонија, бидејќи нас ни претстои претседателството со ЕУ и претпоставувам дека на агендата ќе биде темата за проширувањето - изјави Борисов.

Српскиот потпретседател на владата и министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ коментирајќи ги тврдењата на мандатарот за состав на македонската влада Зоран Заев дека односите меѓу Белград и Скопје треба да бидат подобри. Според неговите зборови, и досега економските односи биле на високо ниво.

- Но, нашите политички односи не се добри пред се поради тоа што Македонија со своето однесување и конкретни одлуки застанува на страната на Албанците против интересите на Србите, изјави Стефановиќ за „Танјуг".

Министерот навел дека такви навреди на сметка на раководството на Србија не се порака на пријателство и тоа не би требало никој да го прави, а најмалку Заев, кој уште не е избран за некаква значајна јавна функција во Македонија.

Поврзани

Најнови вести

Коментари