Поради македонската историја – Тозија ја цензурира ТВ серијата „Македонија“

Нападот кон серијата „Македонија" и кон „Јадран Филм" од страна на директорот на Агенцијата за филм на Македонија, Горјан Тозија, не е поради доцење на проектот или поради финансии како што тој тврди, туку е поради наводното присуство на македонски национализам и присуството на македонска историја во филмот – тврди во писмена изјава хрватскиот продуцент Горан Грегориќ.

„Тозија намерно го одолговлекуваше проектот, за подоцна да не обвини нас за одолговлекување", вели Грегориќ во неговата изјава.

Во прилог на изјавата, Грегориќ достави и „Вибер" комуникација со Тозија, во која тој му вели дека филмскиот проект „Македонија" може да продолжи, но од филмот треба да се исфрлат „националистички" елементи затоа што тие и наштетувале на Македонија. За ова, во пораката која ја доставува Грегориќ, Тозија се консултирал со министерот Алаѓозовски а ќе се консултирал и со Заев.

Ваквото барање на директорот на Агенцијата на филм, доаѓа токму во периодот кога Македонија го потпишува договорот за добрососедство со Бугарија и ги интензивира преговорите со Грција за промена на името. Сево ова наведува дека поради обврските кон двете земји, Владата не дозволува да се сними овој филм.

Официјалната причина поради која Тозија денеска побара стопирање на овој филмски проект е поради доцнење на реализацијата на серијата и дека институција со која што тој раководи поведе постапки пред сите надлежни институции поради очигледните прекршувања на потпишаниот договор од страна на видео продукцијата „Јадран филм" за реализација на играна серија „Македонија".

Грегориќ од друга страна одговара дека токму Тозија е човекот кој побарал одлагање на проектот откако ја преземал директорската позиција.

– Со господинот Тозија, директор на Агенцијата за филм на Република Македонија се договорив да го преземам проектот како главен продуцент и дури после неговото „зелено светло" потпишав договор со Јадран Филм и примив хонорар, во исто време тој неколку пати ме праша „дали ме платиле?", што ми беше чуден сигнал. Целосно се невистинити тврдењата на господин Тозија дека не сме се договориле за се, особено затоа што тој лично ги договори сите термини за снимање за јас како човек од доверба на Тозија (со кого почнав да соработувам во 1980), почнам да ја снимам серијата. – вели Грегориќ во писмото.

За сите прашања околу случајот „Република" разговараше и со директорот на Агенцијата за Филм, Горјан Тозија. Тој не негира дека имал комуникација преку „Вибер" со Грегориќ, но не замоли да му ја пратиме пораката која ни ја испрати хрватскиот продуцент за да може да ја потврди нејзината автентичност.

Во исто време, директорот на Агенцијата и понатаму тврди дека единствената причина за барањето на раскинување на договорот за филмот е поради доцнењето на проектот и според него големата сума.

Поврзани

Најнови вести

Коментари