УХМР

Попладне пороен дожд!

Моментално хидролошката состојба во Македонија е стабилна со водостои на реките кои се доста ниски и под просечните вредности за овој период од годината. Од тој аспект поголемите водотеци и нивните речни сливови имаат доволно голем капацитет да ги примат најавуваните врнежи и засега се безбедни во поглед на нивно излевање или локално поплавување, соопштија утрово од Управата за хидрометеоролошки работи.

Според прогнозата на синоптичарите најавените врнежи од дожд локално се очекува да бидат интензивни и обилни (на некои места се очекуваат и над 30 л/м2) така што можно е да претставуваат опасност за малите водотеци со мали речни сливови и суводолиците кај кои е можно врнежите да предизвикаат нивна брза реакција.

Ваквиот тип на речни сливови, како што истакнуваат од УХМР, се карактеризира со доста брз одговор на поројните врнежи, така што за кратко време голем дел од вкупните (бруто) врнежи од дожд се трансформираат во нето врнежи, односно во директно површинско истекување во реките и суводолиците.

- Доколку најавените врнежи бидат сконцентрирани на вакви мали сливни површини и доколку бидат со висок интензите можно е на некои места за кратко време да ги зголемат водостоите и да предизвикаат локални излевања на помалите реки и суводолиците. На места каде водотеците се карактеризираат со големи падови на речното корито можно е надојдената вода со себе да понесе и камења, нанос, гранки и друг материјал така што би се создала поголема волуменска маса кој би претставувала опасност за низводните места, велат од УХМР.

Според прогнозата на синоптичарите врнежите од дожд се очекува да бидат пообилни и поинтензивни во југоисточните делови на земјата така што посочуват на внимателност кај помалите реки и суводолиците во пределот на планинскиот масив Кожуф (слив на реките Бошава, Дошница, Кованска, Серменинска, Коњска и Петрова), во Гевгелиско – Валандовската котлина (слив на реките Анска, Поганска и Луда Мара), во сливот на реката Струмица, водотеците од пределот на Малешевските Планини и Огражден, како и сливот на реката Брегалница.

Од УХМР велат дека доколку врнежите бидат интензивни и сконцентрирани во градските урбани средини можно е брзо формирање на истекувањето на места каде атмосферската канализациска мрежа нема доволна пропусна моќ и капацитет да одговори на ваквиот вид на поројни врнежи од дожд.

Во текот на ноќва во југоисточните предели се очекуваат локални поројни врнежи поради што од УХМР предупредуваат на внимателно движење покрај малите реки и суводолиците каде е очекувано брзо надоаѓање на поројни води и каде има опасност од појава на свлечишта и одрони. Особено, како што посочуваат, треба да се внимава на локации каде водотеците и суводолиците се пресечени од патишта и разни премини и каде има било какви стеснувања на водните правци.

Поврзани

Најнови вести

Коментари