logo
logo
logo

ПОНЕДЕЛНИЧКИ: А капела

Vecer | 14.09.2014

ПОНЕДЕЛНИЧКИ: А капела

Да го појаснам поимот од насловот. А капела е пеење, соло или во хор, без музика. Само со моќта и уметноста на сопствениот глас: да фатиш ритам, следиш мелодија и предизвикаш внимание и респект. Сам, со себе, својата природа и публиката.

Пробале многумина, но мене ми останале во сеќавање, и тоа долго и длабоко сеќавање, уметниците како унгарката Марта Себастиен која пее а капело во филмот Англиски пациент. Потоа, Биља Крстиќ со Петлови појев, а во повеќе прилики и нашата светска класа - Вања Лазарова, особено со Ти ли се најде лено мори...

А капело е пеење без фолирање, без електроника и покривање на фалшот од инструментите, аудио монтажите или пратечките гласови од групата. Кој мисли дека знае да пее, мора да се покаже со а капело. Ако преживее – вистинскиот е.

И сега, што е врската со а капело, и политиката, која е тема на овие коментари секој понеделник. Врската е силна, директна и метафорична.

Јебеш новинар кој не знае да извади поента, и да напише текст или коментар. Тој , можеби, е добар водител, спикер, презентер, шоумен или што и да е... но, новинар со педигре не – е. Штом не знае да одработи а капело, не знае ни новинарство.

Политичар кој нема своја идеја и јасна визија, и кој мора да чита од листови за да се објасни себе си... не е лидер. Политичар е можеби, затоа што тоа му е професијата. Таков стасал до општински шериф, пратеник од шесто место на листата па надоле, што на среќа што со полтронство дошол до член на управни партиски одбори... но, до тука.

Штом не знае да отпее а капело, од свој глас и со свој талент, тури му пепел.

Ако, по некој случај, таков и стасал до врвот на некоја партија, следи беља. Дал' за партијата, дал' за нас ако се добере до власт, но од таа беља бегање нема. А имало, и има такви. Без поддршка зад себе, и текст пред себе, освен поздрав друго не кажуваат.

Тие се зависни од своите соработници кои им ги пишуваат говорите, од пратечките вокали, и низ говорите напишани за друг туркаат свои идеи и визии кои говорникот малку, по малку ги усвојува за свои, соживувајќи се со посакуваното воодушевување од масите поради добро прочитаните говори.

Пишувачите на говори стануваат поважни од сите наоколу. Без нив говорникот не е тој, а ако не е тој - тогаш е некој друг. А, ако е некој друг тогаш - не е шеф. И самата помисла дека може да се остане без шефувањето говорникот го доведува до бес и очај.

А не е веќе шеф, штом не умее да пее а капело. Од своја душа и ум. Како што ни новинар не е тоа ако мора постојано да чита туѓи текстови, и цитира туѓи коментари.

Пишувачите на говори, така, стануваат клучна карика во кариерите на шефовите. Стануваат кадровици и советници од доверба, а немаат одговорност за ништо, бидејќи шефот спроеведува, а тие му се раздолжуваат со нов говор, и нови аплаузи од масите.

Зошто, тогаш, ниту еден пишувач на говори и самиот не станал шеф. Затоа што нема срце и храброст да застане пред публиката. И затоа што тоа не му е потребно.

Сите негови амбиции, и онака, ќе ги спроведе некој друг, а тој владее од сенка и ќе се игра со спиновите и дворските игри без крај... Добива најмногу, а не плаќа ништо. Кој би сакал да се откаже од тоа. Битно му е само да нема конкуренција. Тогаш е незгоден.

Пишувачот е, но не мора секогаш да биде - поединец. Има тука многу кандидати: дипломати, невладини организации, крупни бизнисмени... умеат да владат без ризик.

Шефот станува лош глумец кој зависи од суфлерот. Но, суфлерот не е уметник. Никогаш.

Нема политика без луѓе со а капело... без личност, визија и идеја. Без нив, политиката е бизнис, а ние сме роба на лагер што чека трансфер од рака во рака.

СДСМ е партија. Без оглед на формираното потценувачко мислење, тие се се уште силна партија која секогаш може да смета на околу 300.000 гласови. Барем до сега.

Но, нема идеологија, и нема визија. Обашка, што и кадровски нема ликови со идентитет и авторитет во јавноста кои формираат јавно мислење, и создаваат следбеници со своите јасни настапи во кои секој може да види идеја и визија, па макар и не се согласувал со нив. Ако идејата и визијата се тука, и се туркаат, ќе има и согласност.

СДСМ има потекло од партизанското движење во Народно ослободителната војна. Со сите маани и доблести на партизаните, и нивната власт потоа, факт е дека нивни се потписот и печатот на АСНОМ, акти и собрание со кои е создадена современата македонска држава.

Пробале претходно, со векови, многумина да ја создадат денешна Македонија но, сепак, тоа им успеало само на партизаните. И, кој е епилогот денес.

Дали знаете за улица, школо или споменик, на луѓето кои се прва власт на македонската држава: Лазар Колишевски, Страхил Гигов, Неџет Аголи, Борис Спиров, Никола Минчев, Киро Миљовски, Благоја Фотев, Киро Глигоров, Димитар Влахов, Мара Нацева, Цветко Узуновски, Хасан Шукри, Вукашин Попадиќ, Кемал Сејфула, Веселинка Малинска, Милош Јаковљевиќ, Кемал Аголи, Љупчо Арсов... тао се дел од нив. Имињата, зад кои стојат луѓе, кои и формално и фактички се создавачи на државата Македонија.

Тие луѓе, од различни нации и занимања, се од прв до последен – партизани.

Дали во ВМРО ДПМНЕ згрешиле што не им посветиле доволно респект и внимание, не подигнале споменици со нивни ликови... не мора баш да јаваат коњи, и да пукаат наоколу со месинганите пиштоли... Или не крстеле улица и школо по нив, скраја да е спортска сала, јавен паркинг барем. Не.

ВМРО ги одбра партизаните кои биле во кавга со другите партизани, вклучително и прилично проблематичниот Венко Марковски, и со тоа си го заврши своето.

СДСМ имаше власт десет години во оваа, самостојна Македонија од 1991 па наваму, и не стори ништо. Сами се откажаа од наследството и историскиот капитал, со што ја загубија нишката на континуитет со националната идеја, а не создадоа нова. Останаа дрво без корени, да вегетираа и венее се додека не пожолти, како што жолтетат денес.

Зарем требаше амбасадорот Никовски, од пензија, да излезе и да се побуни за говорот во Собранието по повод 8 септември, во кој се наведува дека Македонија суштински е држава по референдумот. Дека АСНОМ, партизаните и создавањето македонска државност во 1944 година полека се туркаат во заборав.

Тоа е оној амбасадор Ристо Никовски кого СДСМ, без заддршка, со години го нарекува платеник на ВМРО ДПМНЕ. Еден од многуте такви платеници, впрочем.

Никовски проговори, и покажа идеја и став. Во СДСМ преспаа, и овој пат.

Како што преспаа и минатиот петок, кога се појавија слики на коски, расфрлани по ледина. Коски на закопани партизани од Кичево и Дебарца. Со тие партизани бил и мојот вујко, Ванчо Наумовски, партизан од село Мраморец, кој починал многу подоцна.

Со тие слики, и фотографии на урнати споменици на партизаните од Кичевско.

Не само СДСМ, никој во Македонија кој држи дека има свој став и глас во јавноста, не обрна внимнаие на ова, а камоли да побара одговорност, и да повика на национална и државна гордост и респект. Никој. Баш никој, се до овој текст овде.

Особено никој од СДСМ. Како ни од онаа банда која денес се легитимира како (пази на ова) почитувачи на борците, партизаните од НОБ. Тоа се оние млади лешинари кои го присвоија имотот, канцелариите на Здружението на борците од НОБ, кои сега ги издаваат под кирија, и делат заработка од тоа иако ни Б од борци на НОБ не биле.

Нема држава, од Казахстан и Русија, до Полска, Франција или Грција... за Америка и Британија не ни помислувајте, која би премолчела за расфрланите коски на нивните борци и државотворци по кичевски ледини, и да уривањето на партизанските споменици. Никој, освен нас. Па, вакви какви што сме, заслужуваме ли идни херои?!

Има оваа држава многу пејачи. певаљки и музиканти... има, не оскудеваме во тоа.

Но, колку не има кои можат да настапат а капело, со свој глас, и со свој став и талент.

Слава на борците од НОБ, слава на АСНОМ кој ја создаде денешна Македонија.

Слава на идните генерации, особено генерациите во СДСМ, кои ќе ги отвират старите албуми, и ќе откријат дека не ги донеле штрковите.

Д.П. Латас, 14.09.2014

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk