ВИКЕНДОВ ВО СЛОВЕНИЈА ЌЕ СЕ ЗНАЕ ИСХОДОТ ОД ПРЕГОВОРИТЕ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА

Поканата за НАТО за Република Македонија (Скопје)?!

Засега нема детали како, во која форма и транскрипција би се употребувало ова име. Неофицијалните информации се дека името, веројатно, ќе биде испишано на кирилица со англиска транскрипција. Но, она што речиси е извесно дека поканата во Букурешт ќе биде под ова име

Република Македонија (Скопје) е најновиот и веројатно последен предлог што медијаторот Метју Нимиц, завчера доцна вечерта по македонско време, го даде како единствен предлог за решение на спорот со Грција до самитот на НАТО во Букурешт, дознава Вечер од извори во преговарачките тимови. Засега нема детали како, во која форма и транскрипција би се употребувало ова име. Неофицијалните информации се дека името веројатно ќе биде испишано на кирилица со англиска транскрипција.

Но, она што речиси е извесно дека поканата во Букурешт ќе биде под ова име. Вечер веќе објави дека САД во петокот на Милошоски и Бакојани им ја покажале поканата за членство на земјава во НАТО со името кое тие го предложија како решение. Грчките медиуми објавија дека станува збор за предлогот: Нова Република Македонија.

Инаку, по средбата со македонскиот и грчкиот преговарач во Обединетите нации, каде прв пат беше дозволено фотографирање на разговорите, медијаторот не откри кое име го ставил на маса. Само потенцираше дека предогот е фер, има географска одредница и претставува ново решение засновано на елементи од веќе понудените.

- Решението мора да биде преку компромис. Не е 100% од она што би го сакале Атина и Скопје. Мислам дека она што им го предложив на страните е фер и чесно. Ја вклучува географската димензија. Двата претставника ги изложија своите ставови. Ставовите на двете влади се такви што не се постигна согласност во изнаоѓање име прифатливо за двете страни, изјави Нимиц по средбата.

И кај двете страни постои волја да се реши проблемот, но се уште имаат различни позиции, смета медијаторот, оценувајќ и дека и Македонија и Грција ги знаат ризиците, ако не се изнајде решение до април.

Неофицијално, за грчките власти ваквото решение било неприфатливо.
- Се надевам дека двете влади ќе го разгледаат овој предлог сериозно и ќе размислат на позитивен начин. Мислам дека двете влади треба да ги препознаат ризиците ако спорот не се реши, потенцираше медијаторот.

Метју Нимиц останува да ги чека одговорите од владите на Атина и на Скопје и во секој момент може да закаже нова средба. Вели по 14 години решението сега е во рацете на двете држави. Нема временски ограничувања за одговор, но Обединетите нации очекуват сериозно да биде разгледан овој предлог.

До Букурешт останува уште една можност, сепак, да се најде решение под притисок на САД. На маса в петок или сабота, во Словенија, најверојатно повторно ќе седнат министрите Дора Бакојани и Антонио Милошоски.

Специјален известувач од
Њујорк, Марјан Николовски

Партнерите на Груевски притискаат за компромис?!
За предлогот Република Македонија - Скопје водевме дебата во Собранието во 1993 година, но тогаш Грците не го прифатија. Не знам зошто ние сега би го одбиле, вели лидерот на НСДП Тито Петковски.

Тој смета дека долгорочните државни и национални интереси ќе ги сочуваме само ако обезбедиме влез во НАТО и датум за преговори со ЕУ. Затоа инсистира да се прифати компромис со Грција.

- Ако во изминатите 17 години немавме никаква подготвеност од грчка страна за некој компромис, сега го имаме, а притоа не го доведуваме во прашање нашето уставно име и идентитетот. Го имаме и меѓународното јавно мислење на наша страна и затоа мора да ја искористиме оваа шанса, вели Петковски.

И неговиот партнер во власта Стојан Андов од ЛП смета дека ваквиот неофицијален предлог е прифатлив за нас. Во случај, пак, Грција да го одбие смета оти преговорите ќе бидат прекинати, а Македонија ќе излезе апсолутен победник.

- Ако ние го прифатиме предлогот, а Грција го одбие, очекувам медијаторот Нимиц да го извести генералниот секретар на ОН дека разговорите се завршени, а Советот за безбедност да одлучи за бришење на одредбата дека треба да и натаму да преговараме. Со тоа референцата ПЈРМ се укинува и остануваме Република Македонија и за меѓународните организации, вели Андов. (Д.М.)

Бакојани: Предлогот на Нимиц е далеку од целта
Новиот предлог на Метју Нимиц е далеку од целта на Грција, изјавила шефот на грчката дипломатија Дора Боакојани, по вчерашната средба во грчката Влада, на која ги информирала своите колеги за последниот преддлог на медијаторот Метју Нимиц. Според неа, предлогот не е дефинитивен и очекува преговорите да продолжат.

- Во преговори нема крајни предлози. Ако нема взаемноприфатливо решение за името, Грција не може да се согласи на партнерски односи со Скопје, рекла Бакојани.

Вашингтон е за решение за името пред Букурешт
Белата куќа го потврди ставот дека решение за разликите околу името на Македонија треба да се најде пред самитот на НАТО во Букурешт. Прес-секретарот на Белата куќа, Дејна Перино рече дека ако е потребно решението може да биде донесено и на самитот на Алијансата, што ќе се одржи од 2 до 4 април.

Неизвесно е дали Македонија ќе добие покана за членство во НАТО на самитот во Букурешт, се вели во извештајот на истражувачката служба на американскиот Конгрес насловена како "Прашања за проширувањето на самитот на НАТО во Букурешт. Според извештајот на конгресната истражувачка служба, членките на НАТО на самитот во Букурешт ќе направат политичка оценка за кандидатурата на Македонија врз основа на широк спектар фактори, вклучувајќи и околности кои не се целосно под контрола на Македонија. Според аналитичарите кои го подготвиле овој извештај за американскиот Конгрес, постојат две можности како да се избегне грчко вето на приемот на Македонија во НАТО:

1. Македонија и Грција да постигнат заеднички договор за решавање на спорот со името;
2. НАТО да и даде покана на Македонија со услов за постигнување на решение за спорот со Грција под покровителство на ОН

Колку повеќе од Балканот во НАТО, толку помалку НАТО на Балканот
Грција со заканите за вето на приемот на Македонија во НАТО го презема ризикот за евентауланата дестабилизација на регинот, пишува министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, во статијата што ја објави швајцарскиот дневен весник "Neue Zurher Zeitung".

- Токму НАТО како чувар на слободниот свет и на демократските вредности е гарант и за помалите држави и за нивното право на самоопределување. А, тоа право го вклучува и правото на Македонија на сопственото име и национален идентитет - истакнува Милошоски.

Со проширувањето на Алијансата, според Милошоски, ќе се покаже дека на Балканот има место и политичка волја само за големо НАТО и секако за голема ЕУ.

Андрус Ансип: Името не е услов за членство
- Пред самитот на НАТО во Букурешт, Владата на Естонија во целост ја поддржува Македонија и очекуваме заедно со другите членки на т.н. Јадранска тројка да добие покана. За нас спорот со Грција, во врска со вашето уставно име, е билатерално прашање, а не услов за членство, но останува фактот дека Грција според НАТО договорот може да стави вето. Затоа верувам дека до Самитот ќе се најде компромисно решение, рече премиерот на естонската влада Андрус Ансип кој деновиве е во посета на Македонија.

Турција дава безрезервна поддршка за зачленувањето на трите земји од Јадранската група, Македонија, Албанија и Хрватска во НАТО.
- Уште еднаш го повторувам категоричниот став на Турција, дека на Самитот на НАТО во Букуреш ќе го поддржиме зачленувањето во Алијансата на Албанија, Македонија и на Хрватска, изјави турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, по вчерашната средба со албанскиот колега Сали Бериша во Тирана. (Б.З.)

НВО бара: И име и НАТО
Наместо дилемите "или-или" потребно е Република Македонија да се фокусира и на зачувување на името и на покана за членство во НАТО, сметаат претставниците на повеќе невладини организации во земјава. Бараат од претседателот на државата, од Владата и од Собранието да го задржат нивото на национален консензус и да водат процес на барање заедничко решение.

- Македонија треба да бара замена на привремената референца ПЈРМ во Обединетите нации, засновано на својот Устав и без примена на тоа решение во односите со други земји, да продолжи со градењето добри односи со сите свои соседи и понатаму да ги поддржува чекорите на ОН, на ЕУ и на НАТО во регионот, се вели во заедничкото соопштение на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Хуманитарна организација Ел Хилал, Полио Плус, Национален совет на жените на РМ, Здружението на Ромите "Месечина" - Гостивар и Здружение на граѓани - ОХО.

Поврзани

Најнови вести

Коментари