РОКОТ ТЕЧЕ:

Почнаа партиските комбинаторики и пазарења за нова влада

Математички, на ВМРО-ДПМНЕ ќе му бидат доволни десетте пратеници од ДУИ за да состави влада. Но, пред Груевски е исклучително тешка задача ако се знае платформата што ја донесоа трите албански партии како услов за коалицирање

Откако вчера претседателот Иванов му го додели мандатот за формирање влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, почнаа да течат уставните рокови.

Мандатарот во рок од 20 дена, односно до 29 јануари, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Математички, на ВМРО-ДПМНЕ ќе му бидат доволни десетте пратеници од ДУИ за да состави влада. Но, пред Груевски е исклучително тешка задача ако се знае платформата што ја донесоа трите албански партии како услов за коалицирање. Во неа има барања кои директно задираат во македонскиот идентитет, како што се барања за нова химна, знаме и грб, и двојазичност на цела територија.

Груевски веќе најави дека ќе се обиде да состави влада, но оти тоа нема да го прави по секоја цена. Тој нагласи дека ако овој пат биде изигран од страна на ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати уште посилно.

Професорката Иванка Додовска, како одговор на платформата на партиите на Албанците, нагласува дека е време за македонска платформа која ќе се базира само на три точки:

- Влада на македонско национално единство, попис на населението и нови предвремени парламентарни избори - вели професорката во колумна за Телеграф.мк.

Зачудувачки е што СДСМ три дена молчи и не се изјаснува дали се прифатливи барањата на Албанците. Слични ветувања даваше лидерот Зоран Заев за време на кампањата, за што СДСМ доби голем број гласови од Албанци.

Заев од сенка се надева дека тој ќе ја составува владата доколку тоа нема да може да го направи Груевски. Но експертите не мислат така.

Според нив, никаде во Уставот не е наведено дека претседателот на државата треба мандатот за формирање на владата да му го додели на друг мандатар доколку мандатарот на партијата што освоила најголем број гласови не успее да состави влада. Согласно Уставот, може да има само еден мандатар. Уставот не предвидел резервен или втор мандатар.

- Ако коректно и без политичко-партиски навивања се чита членот 90 од Уставот, може да се види точната намера на уставотворецот кога ја напишал на конкретниот начин. А намерата е, во ниту еден случај, макар и теоретски, да не се остави правна можност да се заобиколи изборниот победник и да се навлезе во водите на политичкиот волунтаризам - нагласува професорката Тања Каракамишева за Телеграф.мк.

Поврзани

Најнови вести

Коментари