Град Скопје најавува присилна наплата за неплатени сметки од 2016

Платете данок на имот за да не останете без плата!

- Се известуваат сите даночни обврзници (физички и правни лица) кои во наредниот период на своја адреса ќе добијат решение за присилна наплата за 2016 година, веднаш да пристапат кон плаќањето на наведениот долг согласно решенијата за присилна наплата, со што би се избегнала непопуларната мерка за блокада на сметки во деловните банки, се вели во соопштението од Град Скопје

По хаосот, турканиците и нервозата на шалтерите на Град Скопје која се создаде изминатите недели бидејќи на граѓаните дел што не платиле данок на имот заклучно со 2015 година, а дел поради административна грешка им беа блокирани сметките, Град Скопје сега преку соопштение ги подсетува даночните обврзници да ги подмират обврските и за 2016 или повторно ќе има присилна наплата.

- Град Скопје, во наредниот период ќе пристапи кон достава на решенија за присилна наплата на долг за данок на имот и фирмарина, од физички и правни лица кои во согласност со Законот во предвидените рокови ја немаат подмирено својата обрска за 2016 година. Се известуваат сите даночни обврзници (физички и правни лица) кои во наредниот период на своја адреса ќе добијат решение за присилна наплата за 2016 година, веднаш да пристапат кон плаќањето на наведениот долг согласно решенијата за присилна наплата, со што би се избегнала непопуларната мерка за блокада на сметки во деловните банки, се вели во соопштението од Град Скопје.

Доколку даночните обврзници кои се опоменати, или им е испратено решение за присилна наплатапа, во меѓувреме го имаат платено долгот, треба да се обратат во Град Скопје, барака 16, со доставување на доказ за уплата на долгот за 2016 година.

Во изминатите недели дел од граѓаните кои уплатиле данок на имот електронски, поради софтверска грешка нивната уплата не била регистрирана во даночното оделение. Поради тоа дел од нив морале повторно да носат доказ дека данокот е платен и да плаќаат трошоци за одблокирање на сметките. Граѓаните кои што дојдоа да реагираат во Град Скопје велат им бараат да платат данок за нешто што не го поседуваат веќе одамна.

- Ми ја блокираа сметката затоа што не сум платила данок на имот за 2015 година за куќа што ја продадов пред 20 години, вели една скопјанка.

Деблокадата се извршува кога должникот ќе ја покрие бараната сума и ќе уплати одредена провизија која е различна во сите банки и се движи од 1.000 до 1.500 денари.
Изминатите недели се вршеше присилна наплата за даночните обврзници кои должат данок на имот за 2015 година на Град Скопје и општините во кои имаат евидентиран имот.

Поврзани

Најнови вести

Коментари