ПОЧИНА КОСОВСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ИБРАХИМ РУГОВА

Петдневна жалост на Косово

ПОГРЕБОТ НА ПОЧИНАТИОТ КОСОВСКИ ПРЕТСЕДАТЕЛ ЌЕ БИДЕ ИЗВРШЕН В ЧЕТВРТОК. - ПОЧЕТОКОТ НА ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ФИНАЛНИОТ СТАТУС НА КОСОВО ОДЛОЖЕНИ НАЈВЕРОЈАТНО ЗА ПОЧЕТОКОТ НА ФЕВРУАРИ

Приштина, 23 јануари (МИА) - Косовското Собрание објави петдневна жалост по повод смртта на претседателот Ибрахим Ругова, кој почина завчера на 61- годишна возраст. Погребот на Ругова ќе се одржи в четврток на 26 јануари, изјави вчера за косовското радио портпаролот на Ругова, Мухамет Хамити. Косовскиот претседател и лидер на Демократскиот сојуз на Косово, Ругова, заболе од рак на белите дробови во септември 2005 година и одреден период се лекуваше во Германија. Почина во својата резиденција, во кругот на потесното семејство. По соопштението за смртта на Ругова, во Приштина се одржа вонредно заседание меѓу шефот на мисијата на ООН во Косово, Сорен Јесен Петерсен, и лидерите на сите политички партии на косовските Албанци. Согласно Уставната рамка во случај на смрт на претседателот на Косово автоматски местото го зазема претседателот на Парламентот - во случајот Неџат Даци. Претседателот на Косово се избира по предлог на партијата, која добила мнозинство на последните избори. За среда беше планирано да почнат преговорите за статусот на Косово во Виена, но тие ќе бидат одложени поради смртта на Ругова. Портпаролката на специјалниот пратеник на ОН Марти Ахтисари - Ху Џијанг изјави дека преговорите за статусот на Косово ќе бидат одложени и оти, најверојатно, ќе почнат на почетокот на февруари. Приштинските медиуми на албански јазик наведуваат дека заминувањето на Ругова од политичката сцена во така значаен миг на подготовка на преговорите за политичкиот статус на Косово претставува исклучително голема загуба. Медиумите пренесуваат дека Ругова беше човек со авторитет и фактор на единство во косовскиот политички живот и оти неговата загуба е хендикеп. "Нема сомнеж, Косово загуби човек со огромен углед и почит меѓу косовските Албанци, но и меѓу странците. Неговото заминување од политичката сцена во овие најпресудни мигови за Косово, како што се проценува, ги заслабна позициите на косовските Албанци, не само во преговорите за статусот, туку и пошироко, зашто е познато дека косовскиот претседател негуваше посебно добри односи со меѓународната заедница, посебно со САД", истакнуваат медиумите. Дел од западните новински агенции подвлекуваат дека за разлика од други претставници на косовските Албанци, за независноста на Косово и против српската доминација, Ругова се борел на мирен начин, нарекувајќи го "Ганди на Балканот". рамка НАСЛОВ: Сочувство од македонското раководство По повод смртта на косовскиот претседател, Ибрахим Ругова, претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски, до претседателот на Собранието на Косово, Неџат Даци, упати писмо со сочувство. "Уверен сум дека граѓаните и властите на Косово ќе изнајдат сили да ја надминат оваа голема загуба. Се надевам, дека во овој исклучително сложен момент за Косово и регионот, смртта на д-р Ибрахим Ругова нема да предизвика дестабилизација на Косово и дека во соработка со меѓународната заедница ќе се продолжи со натамошниот процес на зајакнување на стабилноста и безбедноста, како и на демократскиот капацитет на институциите. Ова е од исклучително значење за процесот на дефинирање на финалниот статус на Косово и за севкупната стабилност и развој на регионот", потенцираше Црвенковски во писмото со сочувство по повод смртта на Ругова. Длабоко жалење за смртта на Ругова изразија и премиерот Владо Бучковски и македонската Влада. Заменик-портпаролот на македонската Влада Агим Јонуз додаде дека македонските власти изразуваат жалење што од политичката сцена заминува политичар кој со својата конструктивност даде голем придонес за мирот и стабилноста во регионот. Тој посочи дека македонската Влада ќе испрати свој претставник на погребот на косовскиот претседател Ибрахим Ругова.

Поврзани

Најнови вести

Коментари