ТРИБИНА "МЕДИУМИТЕ И НИВНАТА ОДГОВОРНОСТ ПРЕД ЈАВНОСТА

Опаѓа рејтингот на македонското новинарство

ВИНАТА ЗА ВАКВАТА СОСТОЈБА УРЕДНИЦИТЕ ВО МЕДИУМИТЕ ЈА ГЛЕДААТ ВО ЗАТВОРЕНОСТА НА ИНСТИТУЦИИТЕ, ВЛИЈАНИЕТО НА СОПСТВЕНЦИИТЕ НА МЕДИУМИТЕ, ПОЛИТИЧАРИТЕ И ОЛИГАРСИТЕ...

Во македонското новинарство се забележува мало опаѓање на рејтингот меѓу граѓаните. Тоа не е последица на непрофесионалниот однос на новинарите со пласирање на непроверени информации, или нивна корумпираност, туку се должи, пред се и на затвореноста на институциите, е ставот на повеќето главни и одговорни уредници искажни на вчерашната трибина "Медиумите и нивната одговорност пред јавноста", што се одржа во рамките на дводневниот саем на македонските медиуми - Македонски медиа маркет 2006.
Роберт Поповски, уредник во "Канал 5" и генерален секретар на ЗНМ, посочи на огромното влијание врз медиумите што се случува од сопствениците, политичарите и олигарсите и повика тоа да се промени, бидејќи само така повторно ќе се врати довербата на јавноста. Зоран Иванов од МИА посочи дека токму јавноста треба се обучи да биде најголем критичар на работата на медиумите и да одлучи кому ќе ја даде својата доверба, а не за нивната работа да судат судовите. Столе Наумов од "Канал 77" смета дека е голема апсолутна невистина што ја пласираат политичарите дека токму новинарите се виновни за повеќето од состојбите во нашата држава. Тоа, според него им одговара на политичарите за да се амнестираат од својата одговорност. Снежана Лупевска од А1 телевизија смета дека најголем дел од јавно изнесените информации, што се покажале како неточни, се должат на затвореноста на институциите, поради што истакна дека од нив треба да се бара поголема транспарентност. Според неа, во македонските медиуми недостига и аналитично новинарство, токму поради неможноста да се дојде до информации што треба да се промени. (С. Бл.)

Поврзани

Најнови вести

Коментари