ФОНД ЗА ЗДРАВСТВО

Од септември електронски картички и за пензионерите!

Како што информираат од Фондот за здравствено осигурување на Македонија во континуитет се собираат апликациите од фирмите и дел по дел се изработуваат електонските картички, бидејќи постепено ќе се воведуваат во употреба

Проектот електронска здравствена каричка изминативе неколку месеци се реализира во континуитет и плански. Со него е предвидено сите досегашни здравствени книшки да се заменат со електронски, а со тоа нема да има потреба во иднина да се издаваат и сини карони. Како што информираат од Фондот за здравствено осигурување на Македонија во континуитет се собираат апликациите од фирмите и дел по дел се изработуваат електонските картички, бидејќи постепено ќе се воведуваат во употреба.
- Од април годинава почнавме со собирање на апликации од повеќе фирми за изработка на електронска здравствена картичка. Министерствата требаше до јуни да ни ги достават апликациите, но тие доцнат. Ние ги имаме испечатено веќе картичките, но уште не сме им ги дале - вели Маја Парнарџиева-Змејкова, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Директорката појаснува дека за целото јавно и приватно здравство се изработени картичките, а во меѓувреме ги обработуваат картичките на некои од министерствата.
- Употребата на овие картички ќе биде постепена, бидејќи не мора да чекаме два милиони да бидат издадени, па потоа да им се делат на граѓаните - објаснува директорката на Фондот.
Во меѓувреме прекина договорот на Минситерството за здравство со хрватската фирма за печатење и затоа деновиве треба да се направи нов анекс.
- Додека тоа не се направи, ние само ги собираме и ги обработуваме апликациите, за потоа да ги ставаме на листа за чекање за печатење - вели Парнарџиева - Змејкова и додава дека во моментов работат за јавните претпријатија, општините и училиштата.

Според неа и покрај напорите да се забрза процесот, сепак, се работи за мал процент на опфатеност.
- Ова го правиме за луѓето да не доаѓаат во фондот туку фирмата да ги достави комплетните податоци, но фирмите за жал се толку бавни и наместо да се забрза постапката, таа се успори. Се надевам дека во септември ќе бидат готови картичките и ќе им ги дадеме на вработените од министерствата, во октомври и ноември ќе бидат дадени и на јавниот сектор, а во меѓувреме ќе се почне и со големите фирми како што се Телеком, ЕЛЕМ, ЕВН - нагласува Парнарџиева - Змејкова.
Од септември договорено е со матичните лекари да почне апликацијата и за пензионерите. Со тоа се очекува да се заврши околу 80 проценти од обврските за издавање на електронска картичка.

Таа потсети дека невработените лица кога доставуваат апликација за пререгистрација за себе и семејството доставуваат и за електронска здравствена картичка. По обработка на овие податоци, ќе има до 500.000 картички за невработените.
Проектот предвидува да се издадат два милиони картички, но заради двојазичноста процесот се одвива бавно. Граѓаните треба да се изјаснат дали на македонски или албански јазик ќе им биде изработена електронската здравствена картичка.
Парнарџиева - Змејкова се надева дека до 2012 година секој граѓанин ќе има електронска здравствена картичка.


Валентина МАРЈАНОВИЌ

Поврзани

Најнови вести

Коментари