Политичките аналитичари за доаѓањето на еврокомесарите во Македонија

Никовски: Хан ќе се обиде да изврши притисок врз Иванов да му го даде мандатот на Заев!

Посетата на еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, кои заедно со тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн денеска ќе пристигнат во Скопје и ќе се сретнат со македонските претставници, нема да донесат никакво поместување во надминување на политичката криза во која Македонија се наоѓа долг период, сметаат политичките аналитичари. Она што единствено го очекуваат од еврокомесарот е да се обиде да изврши жесток притисок врз претседателот Ѓорге Иванов и врз претседателот на ВМРО ДПМНЕ да го дадат мандатот на СДСМ, иако оваа политичка партија доби помал број пратеници.

- Хан, очигледно, доаѓа за да врши жесток притисок за реализација на нивните политики кои не кореспондираат со македонските интереси. Да потсетиме дека Брисел од 2008 година ја блокира, уценува и ја држи под ултиматум Македонија - со името, потоа со членство, што е политика која тешко може да се брани и сигурно им тежи на сите нивни политичари. Затоа и имаме криза и платформа кои треба да водат во пречкртување на Македонија и токму затоа Хан ќе биде во Скопје. Наше е да издржиме и да ги одбраниме своите универзални права кои, за жал, не ги поткопува само Тирана туку и нашата опозиција, вели амбасадорот Ристо Никовски.

И Сотир Костов смета дека Хан доаѓа за да изврши притисок врз претседателот Иванов за да ја смени одлуката и да му го даде мандатот на Зоран Заев.

- Очекувам дека господинот Хан и тројцата европратеници ќе вршат невиден притисок врз претседателот Иванов, врз ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски во смисла, првиот да ја смени одлуката за недавање мандат на Зоран Заев, а вториот како победник да прифати други да владеат во РМ, поточно, три албански политички партии и една албанизирана политичка партија СДСМ, вели Костов. Но, тој е сигурен дека граѓаните на Република Македонија тоа нема да го дозволат.

- Дојде време кога тие суверенитетот ќе го земат во свои раце и ќе го одбранат Уставот на Република Македонија со се што е внатре напишано, во смисла на унитарност, мултикултурност, а не бинационалност, билингвалност и давање на специјален статус на албанскиот јазик и онеправдување на Турците, Бошњаците, Србите, Ромите, Власите и Македонците, појаснува Костов.

За него, пресврт би било прифаќањето на Јоханес Хан да се сретне со идејните творци на граѓанската иницијатива "За заедничка Македонија# Борис Дамоски, Богдан Илиески, Игор Дурловски и 150 до 200 илјади граѓани кои стојат зад нив и кои секојдневно маршираат по улиците на градовите низ Република Македонија.

- Е, во тој случај ќе знаеме дека господинот Хан и европратениците ги ценат граѓаните на Република Македонија. Сето друго е лицемерие. Можеби, ќе беше поинаку доколку тие од Брисел претходно порачаа дека одлучно се спротивставуваат на мешањето на Тирана и Приштина, односно на Еди Рама и Хашим Тачи и одредени пратеници во нивните собранија, во внатрешните работи на Република Македонија, дека тоа не само што не е добрососедски гест, туку и дека е надвор од сите принципи и правила на меѓународната дипломатија, изјави Костов.

Професорката Тања Каракамишева-Јовановска, пак нема големи очекувања од Хан, имајќи ги предвид, како што вели, резултатите од досегашните негови медијаторства.

- Не мислам дека во оваа фаза е потребно некое ново странско замешателство во услови кога сите претходни не дадоа позитивни резултати. Она што очекувам од странските претставници е конечно да го видат и да го слушнат гласот на македонскиот народ, јасно и недвосмислено да ја отфрлат тиранската платформа и да го осудат мешањето на Еди Рама и Хашим Тачи во внатрешните работи на земјата во знак на почитување на европските принципи на добрососедство и владеење на правото. Моите очекувања во моментов се насочени кон поддржувачите на граѓанската иницијатива "За заедничка Македонија" кои буквално го исцртаа браникот на сувереноста и унитарноста на Република Македонија, вели Каракамишева. (Е.А.)

Коцијанчич: Хан нема време за средба со претставници на граѓанското општество!

Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, нема да се сретне со претставниците на граѓанската асоцијација "За заедничка Македонија" кои ги предводат масовните протести што изминатите денови се случуваат во земјата за зачувување на унитарноста на Република Македонија, соопшти портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, потврдувајќи дека Хан добил понуди и за други средби, но дека тој и тројцата европратеници Едвард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл, во Скопје ќе се сретнат само со претставниците на македонските политички партии.

Како што е познато, во името на граѓанската асоцијација "За заедничка Македонија#, еден од нејзините предводници Игор Дурловски, побара нивни претставници да се сретнат со еврокомесарот и тројцата пратеници од Европскиот парламент. Организаторите најавуваат пречек на Јоханес Хан со над сто илјади луѓе на улиците на главниот град Скопје.

Поврзани

Најнови вести

Коментари