Без докази тврдењата немаат никаква тежина

Никој нема доказ дека постојат фалсификувани пасоши, а се бара одговорност од државата

Објавените снимки за фалсификувани пасоши, доколку се веродостојни, покажуваат дека некој некаде можеби го правел тоа. Постојат снимки од милијарди фалсификувани американски долари, но никој не ги повикал на одговорност луѓето од американскиот Трезор (Централната банка). Што има врска фалсификаторот од Кина или Северна Кореја со првите луѓе на САД?
- Немаме податоци дека на изборите се користеле фалсификувани пасоши, потврди претседателот на ДИК, Никола Рилкоски

Неколку дена по откривањето на наводната афера за фалсификуваните пасоши Обвинителството, МВР или која било друга надлежна институција не доби цврст доказ кој би ги поткрепил овие тврдења и би бил доволна основа да се отвори истрага. Обвинувањата за масовно фалсификување на пасоши, сами по себе се многу опасни и тешки, а досега се темелат исклучиво на изјави, мислења и ставови.

За да може да се каже дека има фалсификувани пасоши и дека тие се направени за да се лажира изборен процес, потребно е во најмала рака барем еден од тие пасоши да биде употребен и да биде откриен. Ако се тргнат на страна метаподатоците кои покажаа дека сликите се направени на почетокот на септември, четири и пол месеци по парламентарните избори, бидејќи и тие, иако многу ретко и тешко, сепак, можат да се манипулираат - останува фактот дека ниту една институција не открила или пријавила употреба на фалсификуван македонски биометриски пасош ниту пак тоа го сторил функционер, член, активист или кој и да било претставник на опозицијата.

Опозицијата не пријавила нерегуларности до ДИК

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Никола Рилкоски, изјави дека на парламентарните избори кои се одржаа во април не биле откриени случаи каде се гласало со фалсификувани лични документи и патни исправи и не бил регистриран ниту еден таков случај. Според Рилкоски тоа единствено можеле да го откријат претставниците на опозицијата, но тие се повлекоа од избирачкиот процес.

- Немаме податоци дека на изборите се користеле фалсификувани пасоши. Сепак, свои видувања за гласањето и евентуалните злоупотреби даваат претставниците на опозицијата кои не доставија ниту еден приговор, бидејќи се повлекоа од изборниот процесот. Фалсификуван пасош е многу тешко да се открие и се знае кој може да го стори тоа, тој што го направил или тој што го користи, вели Рилкоски.

Редакцијата "Фокус" објави дека сите слики и видео клипови кои им биле доставени ги предала во Обвинителството. Републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски потврди дека во Јавното обвинителство е доставен поднесок со едно ЦД на кое имало материјали, слики и снимка. Овој поднесок е предаден на скопското Јавно обвинителство.

- Можам да потврдам дека до Јавното обвинителство е доставен поднесок со ЦД со материјали. Од Јавното обвинителство тоа е доставено на ОЈО Скопје, но нема информација што и како имаат постапено во однос на поднесокот, изјави обвинителот Зврлевски.

Најбитниот детаљ, односно адресата каде се направени сликите и снимката што веднаш би ги решило сите дилеми и претпоставки, ја нема во поднесокот.

За демократијата не е добро да се има ваква опозиција

За премиерот Никола Груевски ова претставува измислена афера со која СДСМ се обидува да ја манипулира јавноста.

- Јас жалам што СДСМ цврсто се обидува со манипулации, монтажи и афери да дојде до власт. Нас како ВМРО-ДПМНЕ ни одговара таквото нивно однесување, но за демократијата не е добро да се има таква опозиција. Би било подобро за државата идеите да не доаѓаат само од власта, туку од повеќе страни. Тие доаѓаат до некоја идеја од денес за утре без да ја промислат, а фокусирани се само на темна кампања и манипулација, истакна Груевски.

Министерката Јанкулоска вчера побара сите кои имаат каков било доказ или пак фалсификувана патна исправа да ја достават до МВР за да може да се направи анализа и да се отстранат сите сомнежи. За употребната вредност на евентуално можните изработени фалсификувани пасоши, Јанкулоска истакна дека каков било обид за изработка на нешто што некој мисли дека наликува на патен документ на Република Македонија многу брзо и едноставно се забележува.

- Фактот што ниту еден од органите кои по службена должност во какви било прилики вршат идентификација, односно проверуваат документи, досега не посочил дека забележале производ што некој мисли дека наликува на патна исправа, зборува дека таков производ воопшто не бил ставен во промет. Значи, се уште не сме виделе нешто што некој мисли дека наликува на пасош, освен тврдењата на партиските гласила на опозицијата дека можеби некаде постоело нешто што можеби личи на патната исправа, ама тие не го виделе, изјави Јанкулоска

Машина за пасош не ја собира во соба

Македонските пасоши се едни од најбезбедните биометриски патни исправи во ЕУ и светот и содржат преку триесет заштитни елементи. Тие се изработуваат во Германија а се персонализираат во МВР. Машините за изработка на овие пасошите чинат неколку милиони евра и поради димензиите не можат да се постават во нечиј стан, подрум, гаража или куќа.

"Фокус" тврди дека пасошите прикажани на фотографиите и видеозаписите се фалсификат и изработени наменски за парламентарните избори.

Меѓутоа, останува нејасно зошто власта би фалсификувала пасоши кога ја има технологијата и можноста да му даде оригинална исправа како и фактот дека од фалсификуваните патни исправи најмногу корист би извлекле криминалците, муџахедините и мигрантите.

Фалсификуван пасош се открива како фалсификувано евро

За да се докаже дека пасошот е фалсификуван, некој треба да се легитимира со таков пасош, а органите да го фатат: на граница, на избори, во банка или на кој било шалтер каде што ќе му побараат да се легитимира.

Полициската пракса и искуства покажуваат дека пасошот речиси секогаш се фалсификува така што на него се менуваат податоците за носителот и фотографијата, а речиси никогаш не се фалсификува целиот производ вклучувајќи ги страниците и корицата.

Тоа е речиси исто како со фалсификувани евра да се обидете да купите нешто во продавница. Може продавачката ќе ве фати веднаш, а може и нема. Но, кога на крајот од денот еврата ќе треба да се предадат во банка или во менувачница - фалсификатот ќе биде откриен. Потоа лесно ќе стигнат до вас.

И Барак Обама е виновен што цел свет фалсификува долари?

Супердолар (исто така познат како супербил или суперноут) е фалсификувана банкнота од 100 американски долари со многу добар квалитет. Во 2011 владини извори изјавија дека овие фалсификувани банкноти имале тираж од 35 милиони банкноти од по 100 долари и тоа само од британските криминалци уапсени во 2002. Уште такви банкноти циркулираат во Азија, бидејќи таму доларот е повеќе ценет од локалните валути, а фалсификатите најчесто се откривани кај криминалци од Кореја, Русија и од Блискиот Исток.

Снимки со фалсификати не се реткост, особено не за патни исправи или валути. На интернет многу лесно можат да се најдат видеозаписи на кои се прикажани стотици милиони долари во фалсификувани банкноти.Јавна тајна е дека најдобрите фалсификати се прават во Кина и во Северна Кореја и потоа се дистрибуираат низ светот, но никој не ги повикал на одговорност луѓето од американскиот Трезор (Централната банка). Каква врска има фалсификаторот од Кина или Северна Кореја со првите луѓе на САД? (И.Т-О.Ч)

Поврзани

Најнови вести

Коментари