Нема влез во ЕУ за Македонија до 2025 година

Земјите од Балканот, вклучувајќи ги и Црна Гора и Србија, би можеле да станат полноправни членки на ЕУ за нешто помалку од осум години, според нацрт плановите што циркулираат во Брисел, објавува британскиот весник Експрес

Наводно, европскиот блок се подготвува да ја дочека својата следна група земји-членки до 2025 година и се надева дека Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово ќе имаат „напредок на нивниот европски пат дотогаш".

Овие земји се некои од најсиромашните во Европа, пишува весникот.

Но, споровите кои ги имаат неколку од балканските земји би можеле да го забават нивниот процес на пристапување, или сите заедно да бидат отстранети. Во Босна и Херцеговина има ривалски фракции, поделени околу ставот дали да застанат со Брисел, или да се свртат кон истокот и кон Русија.

Во Нацртот од стратешкиот документ, кој треба да биде усвоен од Европската комисија на 14 февруари, годинава, се вели дека „партнерите од Западен Балкан сега имаат историски прозорец на можности".

Со силна политичка волја, испорака на вистински реформи и трајни решенија за споровите со соседите, Црна Гора и Србија треба да бидат подготвени за членство до 2025 година, наведено е во документот.

Понатака, во него пишува дека преговорите за пристапување за земјите од Југоисточниот Балкан „дотогаш треба да бидат со добар напредок". Србија и Црна Гора веќе ги отпочнаа пристапните преговори, додека Македонија и Албанија се надеваат тоа да го сторат годинава. БиХ се стреми да го добие статусот на ЕУ „кандидат", иако српските националисти во земјата би сакале сојуз со Москва наместо со Европската Унија.

Но, документот на Европската Комисија предупредува дека внатрешните спорови нема да ја задржат „амбициозната" временска рамка.

ЕУ не може и нема да увезе билатерални спорови. Ова е причината зошто сите засегнати партнери од Западен Балкан мора да си ги решат таквите спорови, и тоа како приоритет, пишува во нацрт документот.

Поврзани

Најнови вести

Коментари