Марта Томовска Арсовска, министер за информатичко општество и администрација

Нема да дозволиме административците да трпат политички притисоци

Администрацијата постои заради граѓаните и ние сме должни да направиме се тие да бидат позадоволни, подобро и побрзо услужени. Затоа е неопходно да се обезбеди систем кој ќе им помогне на вработените да ја унапредат својата ефикасност, стручност и компетентност, па ако сакате и љубезност и подготвеност за соработка. Не смееме да дозволиме некои вработени низ целата своја работна кариера во администрацијата да се провлекуваат по принципот "клати врата, земај плата", а други кои вложуваат натчовечки напори, знаење и енергија да бидат само "потчукнувани по рамото"

Вие сте прв министер кој ја изброи јавната администрација. Како ви успеа нешто што никому досега не му успеваше?

Регистарот на вработените во јавниот сектор, односно попис на сите вработени во јавниот сектор, е една од најтешките обврски која државата ја имаше и кон граѓаните но и кон Европската Унија која во повеќе извештаи тоа го нотираше. За жал сите бевме сведоци дека пред "пребројувањето на администрацијата# кое го направивме оваа тема беше повторно предмет на злоупотреба за дневно политички цели, исто како што тоа цело време се прави со оценувањето. Инаку самата обврска за пребројување на вработените свесно ја презедовме со новите законски решенија, односно со Законот за вработените во јавниот сектор, со кој за прв пат во нашата држава, но и за прв пат воопшто во регионов и пошироко ги опфативме вработените во сите јавни институции, почнувајќи од владините институции, претседателот на државата, Собранието на Република Македонија и органите кои тоа ги има основано, сите судови, јавни обвинителства, општини, основни и средни училишта, факултети, студентски домови, болници, клиники, музеи, театри, домови на култура, ансамбли, градинки, социјални центри, јавни претпријатија и се останата што како институција е основано од државата и локалните самоуправи.
Самиот процес на "пребројување на администрацијата# беше навистина тежок и напорен. Почнавме најпрво со утврдување на листата на институции, при што откривме дека голем број институции кои реално не постојат или се трансформирани, од типот на пионерски домови, работнички универзитети, јавни претпријатија во ликвидација, народни одбори, народни универзитети и сл., се уште се провлекуваат по различни регистри. Моравме буквално да ги контактираме сите институции за да бидеме сигурни во податоците со кои ќе работиме. Истовремено од самите институции побаравме податоци за вработените и истите ги вкрстивме со податоците добиени од надлежните органи кои водат слични вакви евиденции.
На тој начин, во Извештајот за 2015 година, преброивме 128.347 вработени, и нивниот број го објавивме институција по институција, за да нема никакви приговори. Овие и други податоци кои планираме да ги собереме во иднина, вклучувајќи ги половата, старосната, образовната и етничката структура, како и трошоците за плати на администрацијата, се од исклучителна важност за планирање на идните политики и тоа вработувањето, потребните профили на вработени, потребите за стручно усовршување, рационализација и мобилност на човечките ресурси и креирање на нов систем за плати во јавната администрација по принципот "иста плата за иста работа".

Најжешка тема во моментот е оценувањето на администрацијата... Кажете ни нешто повеќе, кога за прв пат го воведовте оценувањето, што значат оценките и кои се последиците од нив, и конечно која е целта на оценувањето?

Администрацијата постои заради граѓаните и ние сме должни да направиме се тие да бидат позадоволни, подобро и побрзо услужени. Затоа е неопходно да се обезбеди систем кој ќе им помогне на вработените да ја унапредат својата ефикасност, стручност и компетентност, па ако сакате и љубезност и подготвеност за соработка. Не смееме да дозволиме некои вработени низ целата своја работна кариера во администрацијата да се провлекуваат по принципот "клати врата, земај плата#, а други кои вложуваат натчовечки напори, знаење и енергија да бидат само "потчукнувани по рамото#. Во еден систем кој се заснова на пазарна логика, и во кој граѓаните ги имаат истите очекувања од администрацијата како и од приватните услужни компании, нормално е да се награди одличното работење, а да се санкционира неработењето.
Оценувањето на работата на службениците во Република Македонија се воведува од 2000 година, за прв пат со тогашниот Закон за државни службеници. Во 2005 година системот на оценување значително се иновира, со воведување на награди и санкции, за во 2014 година, со новиот Закон за административни службеници, да се направат сериозни промени со цел оценувањето да стане само дел од еден цел систем кој се вика управување со учинокот на вработените.
Разликата е што сега јасно и прецизно се дефинираат работните задачи, се следи нивното исполнување, во смисла на ефикасност и динамика, се дава помош на службениците да ги реализираат тие задачи преку обуки и менторство, и конечно, променет е начинот на мерењето на резултатите од сработеното, односно оценувањето. Порано оценувал само директно претпоставениот, а сега тоа е круг во кој дури и самите вработени ги оценуваат своите шефови, а оценка се добива и од колегите, и од странките.
Неспорно е дека вака поставениот систем и јасно дефинираните очекувања од вработените обезбедуваат поголема објективност на оценувањето. Но јасно е и дека треба да помине уште некоја година да се промени културата на однесување на вработените и односот кон успешноста на организацијата, својата успешност и успешноста на тимот. Вработените со текот на времето ќе разберат дека непринципиелното оценување, без разлика дали е водено од принципот "јас тебе - ти мене# услуга или други субјективни причини, односно "подарувањето# на највисоки оценки, наместо реално оценување, може да биде контрапродуктивно не само за нивните колеги, туку и за самите нив. Исто како и во училиште, кога ќе добиете 5-ка која не сте ја заслужиле, ниту професорот ви направил услуга, ниту самите сте си ја направиле. Како за секоја работа во животот, не учи искуството, и затоа треба да се остави системот да заживее, за да се видат вистинските резултати.

Деновиве опозицијата побара оценувањето на администрацијата да се одложи на крајот од 2017 година, постизборно, со цел да се елиминираат сите можности за уцени и закани. Има ли навистина можност за уцени и закани?

Најмалку 10-те изборни циклуси откако е воведено оценувањето, покажале дека не постои никаква, ама буквално никаква корелација помеѓу оценувањето на државните службеници и изборите. Еве вас ве прашувам, кажете ми, дали е логично, согласно нивниот предлог, после 15 години оценување во јавната администрација, да се откажеме од овој систем? Ајде тогаш, ако во изборни години го укинуваме оценувањето на службениците, да го укинеме и оценувањето на полнолетните средношколци, да престанат со испити студентите, да го укинеме системот на плата по учинок на докторите... да ја застанеме државата и така да создадеме услови за фер избори по мерка на опозицијата...
Затоа тврдам дека ваквиот повик на дополнителниот заменик е само обид за политичко профитерство, и сакам тоа да и биде јасно на целата администрација. Мене ми е навистина жал што тој си дозволи една група вработени во јавниот сектор, службениците, да станат предмет на дневно политичка злоупотреба. Наместо како вистински лидер, нешто што од него го бара функцијата, да ја поведе администрацијата во реформа, да каже добри сме, но ајде да бидеме уште подобри, тој одлучи целиот свој мандат да го потроши прво на нивна лична дискредитација и партиско етикетирање, а потоа и на поигрување со нивните чувства и вршење на психолошки притисок дека од политички или партиски побуди преку оценувањето ќе бидат казнети или избркани од работа. Вработените немаат страв од злоупотреба на оценувањето... тие се уплашени од заканата на опозицијата за бркање од работа на целата администрација. Да не заборавиме и дека личните податоци на вработените и нивните оценки беа праќани по партиски штабови и објавувани по медиумите, што зборува за крајно несериозниот пристап и политизирањето на оваа тема.

Со оглед на фактот што во своите извештаи ОБСЕ и ОДИХР, но и невладините организации нотираат заплашување и притисоци на администрацијата, што досега од страна на министерството е преземено по ова прашање?

Министерството презема се што е во негова надлежност за да се оневозможат било какви заплашувања и притисоци на вработените од политички побуди. Во таа насока при претходното распишување на изборите, министерството воспостави електронска адреса и мобилен телефон на кој 24 часа дневно вработените можеа да пријават било какви притисоци во предизборниот процес. Исто така беше испратен допис до раководните лица на сите 1288 институции на јавниот сектор во кој беше укажано дека не се дозволиви било какви закани и притисоци на вработените, со цитирање на членови од Кривичниот законик за ваквото постапување. Дополнително беше формирана Комисија со претставници од самото министерство, Државниот управен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Агенцијата за администрација, која требаше да ги разгледува евентуалните пријави. Меѓутоа за целиот период имаше само една пријава, за случај од Гевгелија во кој се работеше за повеќегодишен проблем на еден вработен кој немаше никаква врска со изборите, а за што врз основа на добиената документација секако се води соодветна постапка пред надлежните институции.
Одржавме состанок со претставници од ОБСЕ и ОДИХР, на кој слушнавме наводи за закани и притисоци. И на состанокот со претставници од невладината МОСТ бевме информирани дека добиле неколку пријави за вакви притисоци. Побаравме да добиеме докази или истите да бидат процесуирани директно пред надлежните органи, но впечатокот е дека и тие не се подготвени тоа да го направат. Инаку она што треба да се има предвид при разгледување на оваа прашање, дека истото може да биде предмет на големи злоупотреби. Многу е лесно да тврдите дека имате пријави за некакви притисоци и закани на вработените, особено за политички злоупотреби. Затоа е навистина важно да постои точна методологија по која ќе се испита дали определена пријава е основана или не, и на крај најбитно е секој евентуален притисок да се санкционира, за да не се повтори во иднина. Интересен е уште еден тренд кој сега постои во администрацијата, а за кој јавноста претпоставуваме не знае, а тоа е доколку некој не сака и одбива да работи она за што зема плата, или направи дисциплински прекршок или престап, веднаш се повикува дека заради неговата политичка определба или активности, му се врши притисок или уцена со цел да биде казнет. Имаме и случај кога државен, а истовремено и партиски функционер, на своја домашна адреса регистрира веб страница на која ги повикува вработените анонимно да пријавуваат закани и притисоци. Доколку намерата е искрена и доколку е се согласно закон немаме ништо против, но укажуваме дека нема да дозволиме да се злоупотреби и ова прашање, како и се претходно.
Министерството и во иднина ќе преземе се во рамките на своите надлежности за да ги заштити вработените, а еве сега и јавно преку вас упатувам апел на секој што има било какво притисок или закана заради политички причини веднаш да пријави на хартија, телефонски, на мејл, дури и лично во министерството, ниту една пријава нема да остане непроверена и непроцесуирана.

Кои активности во моментот ги има министерството во однос на реформата на администрацијата?

И покрај целиот отпор за реформата и опструкциите од страна на дополнителниот заменик, практично од првиот ден од мојот мандат, министерството без никаков застој во целост дури и со забрзано темпо ги реализира зацртаните проекти и цели. Имено во претходниот период, усогласивме акти за внатрешна организација и систематизација на повеќе од 1000 институции на јавниот сектор, го воспоставиме каталогот на сите работни места во државата, го воспоставивме Регистарот на вработените во јавниот сектор, се воведоа компетенциите како алатка за вработување, унапредување и управување со учинокот, се донесе Методологијата за планирање на вработувањата во институциите, започна постапката за донесување на годишните планови за вработување за кои министерството има дадено повеќе од 600 согласности, се воспостави целосен мерит систем при вработувањето на администрацијата кој веќе и во пракса преку првите постапки за вработување се докажа дека е невозможно да биде злоупотребен, започна со примена новиот Закон за општата управна постапка, усогласивме 169 посебни закони со истиот, се воспостави и започна со пополнување Каталогот на сите јавни услуги во државата, но и многу други активности, кои се во тек и кои во континуитет ќе бидат продолжени и понатаму, а се со цел да имаме администрација целосно ориентирана кон граѓаните и компаниите, согласно современите стандари. Кратко е времето да ги спомнувам активностите од другите области од наша надлежност, ИКТ-проектите, електронските комуникации и медиумите...

Поврзани

Најнови вести

Коментари