МАСАКАР ВО ШПАНИЈА - МЕЃУ ЖРТВИТЕ ТУРИСТИ ОД 24 ДРЖАВИ

Напаѓачот на фејсбук: Кога би бил крал, би ги убил сите неверници во светот!

Македонскиот граѓанин кој беше повреден во терористичкиот напад кој се случи во четвртокот вечерта, во центарот на Барселона е вон животна опасност. Тој се здобил со скршеница на зглобот на ногата, соопшти македонското Министерство за надворешни работи. Претставник од македонската Амбасада во текот на ноќта во четвртокот се упатил кон болницата каде што се наоѓал повредениот македонски државјанин.

Бројот на жртвите во терористичкиот напад во Барселона се зголеми на 14, а во нападот се повредени повеќе од 100 лица. Во минувачите на популарната улица Ла Ранбла, удрил 17-годишниот Муса Оукабир.

Според шпанската полиција, тој ги украл документите на својот постар брат за да може да го изнајми комбито со кое го извршил нападот.

Шпанските медиуми пишуваат дека Оукабир, инаку шпански државјанин со мароканско потекло, нападот практично го најавил во еден од постовите на социјалните мрежи во кој пишувал за „убивање неверници". Тој наводно на социјалните напишал дека кога би бил крал, најпрво би ги убил сите неверници во светот.

Неговиот брат Дриса Оукабир, кој првично беше означен како напаѓач и чии документи беа најдени во комбито, ѝ се предал на полицијата во градот Рипол, северно од Барселона.
Осум часа подоцна во се слу;и друг напад во туристичкиот град Камбрилс, 120 километри јужно од Барселона. Полицијата ликвидира петмина напаѓачи, кои, исто така, нападнаа со автомобил во обид да го повторат нападот од Барселона од попладнето. Во овој напад, една жена почина во болница.

Билансот на загинатите во двата терористички напади се зголеми на 14 лица. Најмладата жртва е тригодишно девојче. Според информациите, околу 100 други лица се повредени, кога комбе влета во пешаци на популарната пешачка улица Лас Рамблас, во близина на плоштадот Плаза Каталонија во центарот на Барселона.

Одговорност за нападот презеде џихадистичката група Исламска држава (ИД). Во соопштението, што го објави агенцијата на ИД, Амак, се посочува дека нападот го извршиле членови на групата, кои се одѕвале на нејзиниот повик за изведување напади во земјите членки на антиџихадистичката коалиција, која извршува воздушни напади врз цели на џихадистите во Сирија и Ирак.

- Извршителите на нападот во Барселона се војници на Исламската држава, се наведува во соопштението што го пренесе Амак.

На нападот во Барселона реагираше шпанската Кралска палата која оцени дека тој е дело "на убијци, обични криминалци, кои не тероризираат".

- Цела Шпанија е со Барселона. Лас Ранбла повторно ќе ни припаѓа на сите нас, се додава во соопштението.

Илјадници луѓе вчера присуствуваа на главниот плоштад во Барселона, каде со минута молчење им се оддаде почит на жртвите од терористичкиот напад.

Меѓу насобраниот народ беше и шпанскиот крал Филип Шести и премиерот на Каталонија, Карлос Пучдемон.

По минутата молк уследи аплауз и луѓето почнаа да викаат "Не се плашам!".

За Шпанија овој напад е најкрвавиот од 2004 година, кога напаѓачи инспирирани од Ал Каеда извршија координирани напади врз патнички возови во Мадрид, во кои загинаа 192 лица.
Рахој прогласи тридневна жалост во Шпанија.

Од јуни 2016 година во Европа се регистрирани седум напади што ги изведоа исламисти, меѓу кои и оние во Ница, Берлин, Лондон и Париз.

Поврзани

Најнови вести

Коментари