Еврокомесарот со тројката европратеници ќе бара излез од кризата

Над 155.000 народ ќе го дочека Хан во Македонија!

Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, заедно со тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, во вторник ќе пристигнат во Македонија со цел да направат уште еден обид за договор за излез од политичката криза во која земјата е долг период, јави дописникот на МИА од Брисел.

Ова го потврди портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, истакнувајќи дека Хан и тројката европратеници што и досега посредуваа во преговорите на македонските политички партии, освен со лидерите на партиите, во Скопје ќе се сретнат и со претседателот Ѓорге Иванов, во нов обид да го убедат шефот на македонската држава да го додели мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

- Можам да потврдам дека комесарот Хан ќе патува во Скопје во вторник, следната недела, а тоа е 21 март, заедно со тројцата европратеници Флекенштајн, Кукан и Вајгл. Заедно, тие ќе се сретнат со претставниците на сите парламентарни партии, како и со претседателот Иванов и ќе ја повторат цврстата позиција на ЕУ за почитување на исходот од изборите и да се дозволи продолжување на демократските процеси со брзо формирање реформски ориентирана Влада, која ќе продолжи со имплементација на договорот од Пржино. Исто така, да потсетам дека вчера, за време на состанокот на лидерите на Самитот на шест западно-балкански држави во Сараево, комесарот Хан ја истакна важноста од регионална соработка и предупреди на ризик од разгорување на тензиите, вклучително и меѓуетнички, преку изјави или дејствија што ќе ги поткопаат добрососедските односи, истакна Коцијанчич.

На прашањето дали е можно да се очекува посеопфатни преговори на Хан и македонските политички лидери што може да доведат до некој нов, можеби трет пржински договор, со кој би се направил обид за намалување на тензиите во Македонија и уште еден обид за излез од политичката криза, гласноговорничката на Еврокомисијата со одговор:

- Како што веќе реков, ние веруваме дека меѓу работите што треба да се случат е Договорот од Пржино да биде имплементиран, беше децидна Маја Коцијанчич.
Комесарот Хан и тројцата европратеници во минатото неколкупати посредуваа за надминување на политичката криза во Македонија, што како исход го имаше двофазниот договор од Пржино.

Дурловски: Ако Хан не игнорира, тоа е на негов ризик!

Од граѓанската иницијатива За заедничка Македонија симболично го означивме и просторот пред седиштето на Европската комисија со црвено-жолтата боја, во пресрет на доаѓањето на господинот Хан, изјави членот од граѓанската иницијатива За заедничка Македонија, Игор Дурловски.
-Ние сме реалност, никој не смее, не треба и не може да ги игнорира 200 илјади граѓани кои секојдневно протестираат. За жал, Европската Унија засега покажува игнорантски однос кон нас, но истовремено и кон граѓаните на Република Македонија. Порачуваме дека нема да дозволиме Влада која ќе работи според платформа подготвена надвор од Македонија, под покровителство на странски премиери. Било кој да биде избран за претседател на собранието бараме да ја одбие и отфрли истата, целосно отфрлање бидејќи со неа ќе имаме двонационална и федерална држава за сметка на унитарна и граѓанска Македонија, истакна Дурловски.

Тој исто така потенцираше дека ЕУ почива врз еднаквост, слобода и солидарност, и тие принципи треба да важат подеднакво за сите граѓани во Македонија.

- Интеграција наместо лажна надеж и извесност наместо неизвесност, бараме господинот Хан да се сретне со нас за да може да му ги претставиме нашите цели и барања кои се фиксни и непроменливи. Нивното игнорирање и игнорирањето на нашите барања може да создаде само дополнителни ризици. Ако ЕУ е за почитување на граѓанско општество тогаш треба да покаже дека декларативните заложби не се само флоскули, туку треба да преземе конкретни дела, а за почеток може да прифатат средба со нас. Игнорирањето од Хан ќе го сметаме за неискрен однос и приказ за не добри цели и намери на ЕУ кон Република Македонија, рече Дурловски.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари