На Самитот во Трст од Германија дојде спасоносната формула за Македонија

Само поддршка и позитивни реакции доаѓаат од Трст, Италија, каде што македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев учествуваше во работата на четвртиот редовен самит на т.н. Берлински процес што го организира Европската унијата за регионот. Првите реакции се дека Македонија најмногу се офајди од овој самит - освен финансиска, доби и голема политичка поддршка.

Во центарот на вниманието беше средбата на Заев со германската канцеларка Ангела Меркел, која изрази поддршка за одлучноста на Владата на Заев да влезе во суштински реформи и за нејзината определбата за интеграција на Република Македонија во ЕУ.
Македонскиот премиер, како што информиравме претходно, се сретна и со британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон, кој по средбата со Заев на социјалната мрежа објави дека Велика Британија која следната година ќе го организира Самитот за западен Балкан, цврсто стои зад реформите во земјава.

Денко Малески, аналитичар и прв македонски министер за надворешни работи алудираќи на поддршката од Германија изразена на важната средба во Трст во изјава за Плусинфо оценува дека на Самитот е најдена спасоносна формула за Македонија.

- Одлуките на Самитот во Трст се добра и важна вест за Македонија - и тоа само кога ќе помислиме на инвестицијата во железничката пруга на Коридорот 8 која треба да ги поврзе Црното Море и Јадранското Море. Огромна работа за Македонија е поврзувањето со Софија и Тирана - вели Малески.

Всушност, Коридор 8, треба да изгради врска исток-запад од Бугарија преку Македонија до Албанија.

Сепак, како што истакнува поранешниот министер за надворешни работи, финансиската помош на Унијата во реализацијата на инфраструктурните проекти, мора од страна на балканските политичари да биде следена од друга политичка инфраструктура, која ќе го направи Балканот дел од зоната на демократски земји во која сите проблеми се решаваат на мирен начин и каде што војната е незамислива.

- Вложувањето во инфраструктурата од страна на ЕУ е токму она што ни треба. Македонија не е во можност да инвестира во големи проекти. Тоа се покажа во овие 26 години независност. Ова е спасоносна формула што доаѓа пред сè од Германија. Како што Европа вложува во патната инфраструктура која ќе ги поврзе балканските држави, така балканските политичари се должни да постават политичка инфраструктура на мирно решавање на проблемите и взаемна соработка. Тие две работи одат едно со друго, и тоа се очекува од балканските политичари - вели Малески.

Инаку, на Самитот за Западен Балкан меѓу лидерите на шест балкански држави – БиХ, Србија, Црна Гора, Косово, Македонија, Албанија. и нивни колеги од Европската унија падна договор за седум нови проекти за поврзување со инвестиции од над 500 милиони евра.Тука се вбројуваат и 194 милиони евра грантови од ЕУ и кредити на Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој. Во завршниот документ е предвиден и грант од 11,4 милиони евра за енергетски и транспортни проекти.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари