Мицкоски до Вучиќ: Законот за јазици и лошите економски резултати ја влечат Македонија назад

Регионалните предизвици, начините за интензивирање на соработката и стратешките интереси на Македонија и Србија биле во фокусот на разговорите што денеска ги оствариле претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ.

Од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ информираат дека Мицкоски ги посочил водењето на добрососедска политика, меѓусебното разбирање и почитување, како трајна добивка за регионот. Мицкоски истакнал и дека Македонија и Србија споделуваат повеќе заеднички вредности, но и предизвици поврзани со членството во НАТО и Европската Унија, па според него потребни се соработка и размена на искуствата како и отворен и транспарентен пристап од двете страни.

„Мицкоски го информираше својот соговорник и за состојбата во Република Македонија при што изрази загриженост за недостатокот на демократски капацитет на владата за издржан дијалог, опасноста од политичкиот терор кој се спроведува врз политичките неистомисленици, како и немањето на сериозен концепт за важните прашања од сферата на надворешната политика каде клучно е заштитата на државните и национални интереси. Мицкоски додаде дека наметнувањето на теми како законот за јазици, немањето на концепт за економски развој, немањето на реформски правец и поразителните економски резултати придонесуваат за слабеење на стандардот на граѓаните, нешто што ја влече државата наназад, и ја одалечува од стратешките интереси за членство во НАТО и ЕУ“, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Соговорниците постигнале согласност дека Македонија и Србија треба да ја интензивираат соработката и дека тоа е единствениот начин на напредок на регионот кој треба да ги надмине ретроградните процеси од минатото, за што се потребни визија и капацитет.

Ова е трета средба од балканската агенда на претседателот Мицкоски и потпретседателот Николоски, каде освен со претседателот на Србија Вучиќ, беше остварена средба и со хрватскиот премиер и лидер на ХДЗ Пленковиќ, и словенечкиот лидер на СДС и поранешен премиер Јанес Јанша.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари