Манчевски – Дезир: Мотори на медиумските реформи мора да бидат самите медиумски работници

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, денеска оствари средба со претставникот на ОБСЕ за слобода на медиуми, Харлем Дезир.

На средбата министерот Манчевски се осврна на процесот на подготовка на предлог-законот за измени и дополнување на Законот за аудио и аудиовизулени медиумски услуги.

Дезир ги поздрави заложбите на Министерството за обезбедување на простор за слободни медиуми што, како што истакна, е од фундаментално значење за демократијата во една земја.

„Заеднички став на ОБСЕ и Владата е дека е од особено значење процесот да биде транспарентен и отворен за придонес од сите засегнати страни до неговото финализирање. Во сензитивна област како што се медиумите, Владата и Собранието се тие кои ги прават законските измени, но мотори на медиумските реформи мора да бидат самите медиумски работници“, заклучи министерот.

Дезир истакна дека Законот за АВМУ е многу важен и измените ќе придонесат кон подобрување на состојбата на МРТВ, во независноста во работењето и подобрување на улогата на Агенцијата.

Тој ја поздрави одлуката на Владата за укинување на владините реклами.

„Со укинувањето на владините реклами и со останатите измени во Законот за АВМУ, се оневозможува контролата и притисокот во медиумите“, смета Дезир.

Тој, исто така, ги поздрави и заложбите на МИОА на дигиталниот Самит за земјите од Западен Балкан, што ќе се одржи на пролет следната година, да се наметне и проблемот со лажните вести, како предизвик за медиумите и владите на глобално ниво.

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари