ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИ ГИ КРЕНА НА НОЗЕ И ЛИНГВИСТИТЕ

Македонскиот е официјален јазик, а не само еден од јазиците во Македонија!

Предлог-законот за употреба на јазиците го крши Уставот на РМ и излегува од она што е договорено со Охридскиот рамковен договор. Се надеваме дека Владата нема да ја следи претходната со избрзано донесување закони и дека ќе успее да ги постави вистинските приоритети за што поскоро застанување на здрави нозе на нашата држава за доброто на сите, напишаа лингвисти, академски граѓани вклучени во работата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков" во приговорот кој го доставија до Кабинетот на премиерот, до Генералниот секретаријат и до Собранието на РМ.

Тие се надеваат дека предлог-законот ќе биде даден на јавна расправа во која особено внимание од стручен аспект ќе се обрне на неколку точки за кои сметаат дека се правно и суштински штетни за јазичната политика и за државните интереси на Република Македонија.

- Мора да се надмине терминолошката мешаница која се јавува во законите што ја третираат оваа материја - официјален јазик, службен јазик, јазик во службена употреба. Мора да се назначи дека на целата територија на Република Македонија, како и во меѓународните односи, според Уставот на РМ, како и според Охридскиот рамковен договор, е официјален само и единствено македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, што произлегува од унитарното уредување на нашата држава, а другите јазици можат да бидат во службена употреба во законски предвидените случаи. Таква е јазичната политика во светот, се вели во приговорот.

Лингвистите сметаат дека проблематичен е и самиот наслов на Предлог-законот, со кој, всушност, се имплицира дека македонскиот јазик е само еден од јазиците во РМ.

- Предлагаме, заради расчистување на овие дилеми и заради избегнување на двојство во толкувањето, Предлог-законот да го носи називот Закон за јазиците што ги зборуваат најмалку 20% од граѓаните на РМ, сметаат експертите од Институтот.

Тие сметаат дека е потребно темелно истражување и релевантна анализа на постоечката состојба, за да може да се донесе соодветно законско решение. Особено, дали во советите на единиците на локалната самоуправа во кои мнозинството советници зборува јазик различен од македонскиот е обезбеден превод на македонски, дали на натписите и таблите е запазен редот на јазиците и дали воопшто го има македонскиот итн.

- Гледано од перспектива на предложениот Закон за употреба на јазиците, во однос со спроведувањето на Законот за употребата на македонскиот јазик е, благо речено, непримерен и штетен за јазичната политика во Република Македонија. Се поткопува и онака тешко воспоставената рамнотежа опфатена со оваа законска регулатива, се вели во писмото од Институтот.

Оттаму бараат повлекување на Предлог-законот во интерес на организирање поширока јавна дебата во врска со употребата на сите јазици во РМ и начините за соодветна правна регулатива соодветно на Уставот на РМ и на законите што ја опфаќаат оваа материја, зашто со овој Предлог-закон се крши и Уставот на РМ и се додаваат измени кои воопшто не се предвидени со Охридскиот рамковен договор. Потсетуваат дека јазичната политика на една држава не смее да биде заложник на политички и партиски договори, а македонскиот јазик треба да се сфати единствено како кохезивно средство за сите граѓани на Република Македонија, а не како средство за поделби.

Предлог-законот за јазиците кој владеачката партија најави дека ќе биде донесен во првите сто дена од нивното владеење, најпрво ги поттикна правниците да апелираат на неговата противуставност и излегување од рамките на Рамковниот договор.

-Ветувањето на сегашната Влада беше дека пред да пристапи кон донесување на Закон ќе ја консултира пошироката стручна јавност. Тоа не се случи. Ова би го окарактеризирала како право во границите на политиката наместо обратно. Мислам дека е вака, затоа што со закон не можете да смените, ниту да дополните Устав тој мора да има уставен основ, за жал, овој закон ги надминува уставните рамки и е надвор од Рамковниот договор, вели професорката по Уставно право и политички систем Гордана Силјановска.

Поврзани

Најнови вести

Коментари