БЛУМБЕРГ: НА ЗЕМЈИТЕ КАКО МАКЕДОНИЈА ИМ ТРЕБА ЗАШТИТНИК

Македонија во ЕУ за да нема експлозија на Балканот!

Во анализата на Блумберг за Македонија се предупредува дека доколку земјава остане надвор од ЕУ, тоа може да придонесе за евентуална експлозија на Балканот. Авторот предупредува дека ако Македонија не успее да влезе во ЕУ, не е тешко да се замисли една иднина каде што земјата ќе се распадне од различните притисоци од Русија, Србија, Бугарија, Албанија и Грција, во некоја непозната комбинација

Македонија имала неверојатно тешка историја поради која, можеби, се очекува земјата да биде "претепана" и да нема надеж за подобрување, но се уште има пат за оваа земја да има сосема задоволителна иднина, пишува американскиот професор и колумнист на Блумберг, Тајлер Коуен и потенцира дека на голем број мали, ранливи земји - вклучувајќи ја и Македонија - ќе им треба некој надворешен добротвор да ја подобрат својата иднина, а ЕУ може да направи голема разлика за место со грубо минато.

Посочува дека бедната сиромаштија во земјава е веќе ретка, а и воопшто се чини дека населението е среќно и дека нема мизерија. Посочува дека проценките се разликуваат, но генерално, приходот по жител е околу 13.000 долари годишно. Колумнистот посочува дека економијата во Македонија расте во опсег од 2 отсто на 3 отсто на годишно ниво, што не е импресивна бројка, но ако постојано се зголемува, Македонија ќе созрее во една развиена нација. Понатаму, во текстот на Блумберг, се посочува дека на Македонија и е потребен еден од најретките квалитети на Балканот историски, а тоа е - политичката стабилност. Подобра економска политика, додава, би можела да им помогне на сите повеќе.

- Всушност, има многу едноставен пат кон стабилноста: приклучување кон Европската Унија и можеби НАТО. Со други зборови, една земја може да доживее лоши настани стотици години, но ако таа успее да се поврзе со добронамерен и умерен заштитник, сепак, може да има фантастична иднина на мир и просперитет, посочува Коуен.

Колумнистот истакнува дека патот на Македонија кон членство во ЕУ воопшто не е едноставен, затоа што ЕУ има замор од експанзија, но го потенцира и прашањето за името и заканите од грчкото вето.

Коуен предупредува дека доколку Македонија остане надвор од ЕУ, тоа може да придонесе за евентуална експлозија на Балканот. Објаснува дека западниот сосед на Македонија, крие амбиции за "голема Албанија", која би можела да вклучи делови од Македонија и од Косово.

- Во 2001 година, албанското прашање речиси предизвика граѓанска војна во Македонија. Неодамна се појавија обвинувања дека рускиот претседател Владимир Путин се мешал во домашната македонска политика и дека ќе продолжи да го прави тоа, на штета на стабилноста. Едно од сценаријата е дека ЕУ ќе ја прими Македонија "предвремено", за да спречи уривање на редот, всушност играјќи "добар хегемон" наспроти "лошиот хегемон".

Во анализата на Блумберг се истакнува дека ако Македонија не успее да влезе во ЕУ, не е тешко да се замисли една иднина каде што земјата ќе се распадне од различните притисоци од Русија, Србија, Бугарија, Албанија и Грција, во некоја непозната комбинација.

- Имајте на ум дека независната македонска нација постои само неколку децении во текот на многуте векови и затоа нејзиното понатамошно постоење не може да се земе здраво за готово. Како турист, ме погодуваат еклектичната архитектура на Скопје, прекрасните манастири во селата, Охридското Езеро на албанската граница, мошне пријателскиот срдечен народ и поволните цени, и она што јас го сметам за најдобрата храна на Балканот. Јас се надевам на поволен исход. Но кога станува збор за економскиот развој, немојте да ја гледате само демографијата или економската политика. Размислете за хегемонот, пишува колумнистот Тајлер Коуен.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари