ОТВОРЕНО МОДЕРНИЗИРАНОТО АВИОПРИСТАНИШТЕ "АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ"

Македонија доби европски аеродром

За реконстуираниот аеродром, што е стомилионска инвестиција на турски ТАВ, премиерот Никола Груевски рече дека ќе биде македонски препознатлив симбол на развојните процеси и направените чекори со кои Македонија се движи напред

"Нека ни е со среќа и со здравје да си го служиме новиот аеродром "Александар Велики"", со овие зборови премиерот Никола Груевски го поздрави отворањето на новиот модернизиран аеродром "Александар Велики", кој вчера ги отвори вратите за македонскиот државен врв на земјава, бројна бизнис-делегација и новинари од Турција, како и за огромниот број посетители од земјава.

За реконстуираниот аеродром, што е стомилионска инвестиција на турски ТАВ, премиерот Груевски рече дека ќе биде македонски препознатлив симбол на развојните процеси и направените чекори со кои Македонија се движи напред.
- Аеродромот е огледало на земјата на кој се стекнува првиот впечаток при патувањето во неа. Ова е голем ден за Македонија кога се менува сликата на сите патници кога стапнуваат на нејзино тло - истакна Груевски, кој нагласи дека реализацијата на овој проект доаѓа во вистинско време, односно во пресрет на доаѓањето нови инвестиции и туристи и период кога се почесто до одредени дестинации може да се патува по симболични цени.

За Груевски новиот аеродром го карактеризираат капацитет, ефикасност и функционалност.
Генералниот директор на ТАВ Аеродроми, Мустафа Сани Шенер, најави дека од 9 септември (петок), со првиот лет на "Аустриан ерлајнс" целиот сообраќај ќе се одвива на новиот терминал на "Александар Велики".
- Економскиот пораст е важен индикатор за вложување во аеродромската инфраструктура. Во тоа верувававме и веруваме, се појавивме на тендерот, а и покрај притисоците на светската економска криза го спроведовме проектот за модернизација на аеродромите и го исполнивме ветувањето тоа да биде пред Денот на независноста - рече Шенер.

Вицепремиерот Владимир Пешевски очекува голем пораст на бројот на патници благодарение на проектот што го реализира ТАВ. Според министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, со реализацијата на проектот Владата направи сериозен чекор за развој на воздухопловниот сектор во Македонија.

ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ОТВАРАЊЕТО

Светлана БЛАЖЕВСКА
фото Н. Батев

Поврзани

Најнови вести

Коментари