ЕП бара соработка меѓу Владата и опозицијата за реализирањето на европската агенда

Кукан: Договорите со соседите не треба да бидат на штета на Македонија!

Известувачот во сенка на Европскиот парламент за Македонија, словачкиот европратеник Едуард Кукан во разговор со дописникот на МИА од Стразбур, вели дека во ЕП со голем интерес и симпатии се следат активностите на новата Влада, во смисла на иницијативите со кои таа настапува и намерите државата да се ослободи од блокадите и проблемите со Грција и Бугарија.

- Мислам дека тоа е правилна стратегија, но потребно е да се биде многу трпелив и да не се наштетува на сопствените интереси. Јас ги поздравувам новите иницијативи со Бугарија, но јас знам дека тоа многу високо е оценувано. Во тој договор кој треба да се потпише на 2 август има две чувствителни и многу тешки прашања кои не се решени. Прашањето на македонскиот јазик, многу во Бугарија велат дека тој е дијалект на бугарскиот и второто дека е потребно заедно да се празнуваат историски настани. Тоа, според мене, се многу скокотливи прашања, тоа се нешта за кои не треба само да се има иницијатива, туку и да се следат сопствените интереси на Македонија.

Така, јас сакам да почекам да видам каков договор ќе биде потпишан, а потоа само ќе го поздравам или ќе останам воздржан, вели Кукан.

Што се однесува до Грција, според европратеникот, кој е добро запознат со случувањата во и околу Македонија вели дека многу македонски влади се обидуваа да имаат инцијативи.

- Сега посредникот Нимиц доаѓа и вели дека не носи никакви нови предлози. Боже мој, не знам уште колку години тој ќе работи на тоа место. Но, јас би кажал дека овде во Брисел или Стразбур со симпатии следиме дека новата Влада сака да презема иницијативи. Уште еднаш ќе кажам, тоа е правилно. Но цената која треба да се плати за тие договори не треба да бидат на штета на Македонија. Тоа мене ме загрижува, додава тој.

Што се однесува до европската агенда, Едуард Кукан очекува соработка меѓу владата и опозицијата.

- Јас би очекувал поддршка и соработка од страна на опозицијата со владата, тоа се прашања кои треба да бидат важни за сите страни. На тоа треба да се работи и да се поддржува и од опозицијата и од владата. Ние ќе оценуваме колку одговорно се однесува опозицијата, вели тој.

За прашањето за работата на специјалниот јавен обвинител, кое според словачкиот европратеник е исто така многу тешко, советува објективно да се истражува, да не се прават политички злоупотреби на ова прашање, но од друга страна да не се остави како ништо да не се случило и не се направило.

- Многу луѓе стравуваат дека тоа може да биде злоупотребено како политичка одмазда. Многу е важно сето тоа да се разгледа објективно, без политички намери. Во однос на мандатот на специјалниот обвинител, Владата се надевам дека тоа ќе го реши на одговорен начин. Уште еднаш повторувам дека е потребно објективно да се истражува, да не се прават политички злоупотреби на ова прашање, но од друга страна не може да се остави како ништо да не се случило и не се направило. Во зависност од тоа како ќе бидат решени овие прашања од новата Влада, така таа ќе биде оценувана, истакнува Кукан.

Запрашан дали наскоро може да се очекува почеток на преговорите со Европската Унија, Кукан вели дека прогнозите во политиката се голем ризик.

- Не ме прашувајте за моите прогнози, прогнозите во политиката се голем ризик. Но несомнено, со тоа што се создаде новата влада, многу ќе зависи од тоа како тие ќе започнат да ги реализираат реформите. Тоа е многу важно прашање и по тоа ќе се развива позицијата на Европската комисија, која според мене позитивно гледа на таа можност која ја споменавте. Но очигледно е рано да се постави тоа прашање, ние сакаме три-четири месеци, да погледнеме на внатрешната политичка ситуација во земјата, нагласи Кукан.

Тој понатаму вели дека Европскиот парламент отсекогаш го поддржува и ќе го поддржува отворањето на преговорите со Република Македонија.

- Европскиот парламент секогаш ќе го поддржува тоа, Европската комисија исто така, но Европскиот совет, таму каде што се владите, премиерите и претседателите, тие кои носат одлуки. Ние препорачуваме и тие одлучуваат. Во тој однос, многу е важно новата Влада да биде активна, новиот премиер да биде многу активен во своите лични однесувања и работа, од тоа ќе зависи дали мнозинството од членовите на Европскиот совет ќе поддржат да започнат преговорите за прием на Македонија во ЕУ, истакнува Кукан.

Тој посочува дека тоа го чекаат многу години.

- Велиме дека уште одамна требаше да започнат преговорите, но се зависи од тоа каква одлука ќе донесе Европскиот совет. Таму се носат одлуките и таму ќе биде многу важно да се уредат односите со Грција, на тој начин да се реши проблемот или сите да видат дека новата македонска Влада сака искрено да го реши тоа прашање. Но за негово решение се потребни двајца и дека Македонија треба да покаже дека таа не претставува проблем за тоа решение. Тоа ќе зависи од имагинацијата и размислувањето на новата Влада, посочува Кукан.

Поврзани

Најнови вести

Коментари