Судење за Диво Насеље

Командант Соколи: Да бев јас командант ќе имаше 200, а не 18 мртви!

Првообвинетиот за настаните во Диво Насеље, се брани дека тој не бил организатор на упадот во Македонија, а главните организатори биле убиени од полицијата. Командант Соколи бил наоружан и пукал, но вели дека полицајците биле убиени од нивни колеги, а не од косовската група

- Невин сум, затоа што не командував со групата во кумановското Диво Насеље. Да бев јас командант, на 9 мај 2015 година немаше да има 18, туку 200 убиени. Јас не сум толку наивен, вака се бранеше првообвинетиот Сами Укшини, алиас Командант Соколи, на рочиштето за настаните во минатогодишниот судир во Диво Насеље.

Според командант Соколи, политичките проблеми на Албанците и неимплементирањето на Охридскиот рамковен договор била главната причина поради која кумановската вооружена група дошла во Македонија и во Диво Насеље.

На прашање на Обвинителството, како групата планирала да помогне во имплементирањето на договорот, Укшини рече дека како што му било кажано од водачите на групата, Мирсад Ндрецај и Бег Ризај (убиени за време на настаните во Диво Насеље н.з.) дека намерата била да ги повикаат новинарите и јавно да кажат дека ако не се реализира Рамковниот договор работите во Македонија ќе се вратат во 2001 година.

Укшини рече дека не знае зошто ја свикале прес-конференцијата тоа зависело од Ризај и Ндрецај како организатори на групата.

Според неговиот исказ групата, во Македонија од Косово влегла ноќта меѓу 1 и 2 мај 2015 година, а на 3 дошле во Куманово, односно во населбата Диво Насеље, каде што Ризај и Ндрецај му рекле дека ќе останат до 19 мај, но, како што рече Укшини, не му кажале зошто. Тој рече дека Ндрецај и Ризај делувале многу сигурни во она што го прават и не ги послушале неговите совети дека треба да се движат, а не да останат во Куманово, бидејќи се изложуваат на опасност.
Командант Соколи, иако носел оружје и пукал од него пред судот изјави дека осумтемина убиени припадници на МВР во минатогодишните немили кумановски настани не ги убиле тој или некој од групата.

- Во нив е пукано од нивните колеги-полицајци со тешко оружје. Можам да кажам дека предводници на групата која беше во Диво Насеље беа Бег Ризај и Мирсад Ндрецај. Јас во населбата дојдов на 3 мај по повик од мојот пријател Џафер Зумбери. Ги молев Мирсад и Бег да си заминат од населбата, но тие одбија. Еден член од групата, Шефќет Калачи, на 9 и 10 мај преговараше со ОБСЕ целата група да се предаде. Но, од ОБСЕ ни беше кажано дека и после 3 часа преговори, челниците на МВР одбивале да се предадеме - изјави Укшини.

Групата се предала околу 19 часот, а пукањето престанало во 21:30 часот.

Командант Соколи се пожали дека по приведување биле тепани и малтретирани и рече дека ако знаел дека така ќе се однесуваат кон нив, немало да се предаде.

-Не сум терорист, туку патриот кој дошол во Македонија да се избори за правата на Албанците и за целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор.

Тој истакна дека учествувал и во конфликтот од 2001 година и дека во 2015 година му бил вршен притисок од групата од Куманово да дејствува за спроведување на Охридскиот договор. Според Укшини, договорот до 2004-тата не бил спроведен.

На прашањето дали групата имале поддршка од некои политички партии во Македонија, тој рече дека не знае, бидејќи не бил организатор на групата.

Тој пред судот рече да бил тој организатор на групата, работите можело да излезат на полошо или на подобро. Прашан што значи на полошо, тој одговори дека во случај кога 900 полицајци напаѓаат група од 32 лица, тој да бил командант во Диво Насеље бројот на загинати немало да биде 18 туку 200 луѓе.

Ушкини има 50 години и е од Ѓаковица, Косово. Завршил средно образование и пред да биде уапсен работел во приватна фирма. Оженет е и има 11-годишно дете.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари