Коѕијас: Референдум за името никако!

Според министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, не е потребен референдум во неговата земја за името на Македонија, бидејќи Владата има мнозинство во Парламентот, истовремено одвраќајќи го и северниот сосед од плебисцит за ова прашање.

И за Македонија не е добро решение спроведувањето референдум, изјави Коѕијас во интервју за грчката телевизија Антена, бидејќи „ако биде отфрлен, тоа би имало многу негативни последици".

Поткрепувајќи го ваквиот став, тој потсети дека и референцата БЈРМ била прифатена во 1995 година без да биде одржан референдум.

Во интервјуто Коѕијас се осврна и на грчките позиции во разговорите, објаснувајќи дека коалицискиот партнер Панос Каменос, лидер на Независни Грци и министер за одбрана, е против употребата на зборот „Македонија", но појасни дека „не станува збор за употребата на самиот збор, туку тој да не е на грчки јазик.

Прашан да ги прокоментира имињата што се вртат во јавноста, шефот на грчката дипломатија одговори дека Грција има свој предлог, со кој ќе биде запознаена македонската Влада за време на разговорите, дополнувајќи дека целта на Атина е да се најде „сложено име, кое може, но не е задолжително, да има географска одредница".

Во однос на името „Славомакедонија", тој кажа дека тоа не е прифатливо за Албанците.

„Грција претпочита како решение на спорот со Скопје сложено име, кое ќе ја разликува БЈРМ од грчка Македонија и ќе биде за целосна употреба", изјави тој.

Поврзани

Најнови вести

Коментари