МЕШАЊЕТО ОД ТРЕТИ СТРАНИ ЌЕ ГО ОТЕЖНИ ИЗНАОЃАЊЕТО РЕШЕНИЕ

Коѕијас и порача на Европа да не ја разгалува Македонија

Грчкиот шеф на дипломатијата и медијаторот во спорот за името Метју Нимиц се среќаваат во Брисел откако минатата недела во Солун на трилатералната средба, Ципрас, Борисов и Вучиќ порачаа дека ги поддржуваат македонските ЕУ интеграции, но само со решено име 

Европа треба да ја едуцира власта во Скопје за политички компромис и консензус, а за решение, најдобро е да нема мешање од трети страни, порача шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервјуто за Euractiv пред средбата во Брисел со медијаторот Нимиц. Коѕијас посочи дека новата влада во земјава е покоректна, но во суштина немало ништо ново. Смета дека македонскиот премиер Зоран Заев ги има сите предуслови да разбере и да се отвори кон реално решение. 

- Ќе работиме за ова решение и се надевам дека ќе добиеме одговор и ќе се избегне мешањето на трети страни кои ќе го отежнат пристапот кон ова решение. Сегашната влада во земјата го намали тонот (во однос на претходната реторика) и на комуникациско ниво, би рекол, дека е покоректна. Но, во суштина, немам видено ништо ново. Сепак, чекам. Кон крајот на август ќе одам во Скопје и се надевам дека со министерот за надворешни работи ќе разговараме за прашањето, затоа што последниот пат не се осврнавме на тоа. Разговаравме општо, на пример, за имплементирање на предлог за мерките за градење доверба, кои успешно ги промовираме последната една и пол година, вели Коѕијас, кој уште еднаш ги повтори неговите добро познати ставови и и порача на Европа да не не разгалува како што го правела тоа во минатото.

Коѕијас потенцира дека Грците не се мешале воопшто во внатрешните работи на земјава и дека за време на политичката криза тој не давал изјави во врска со ситуацијата во Македонија. Тој потсетува и дека најави вето за евентуални санкции за земјава и ако Грција се бори за стабилноста и безбедноста во Македонија, тогаш ние самите треба да направиме три пати повеќе.

Вчерашната средба на Нимиц и Коѕијас се одржа на маргините на Самитот за надворешни прашања на ЕУ во Брисел. Средбата доаѓа по посетата на Нимиц во Скопје, каде што рече дека не носи нов и конкретен предлог. Патувањето од Македонија, Нимиц, не го продолжи кон Атина, како што обично практикува, бидејќи шефот на грчката дипломатија во тој период беше во Швајцарија каде што се водеа преговорите за кипарското прашање и не беше во можност да го прими медијаторот.

Од Обединетите нации пред средбата посочија дека состанокот е по барање на Грција, откако тие ја одложија средбата во Атина по состанокот во Скопје. Целта на средбата е, велат од ОН, да се постигне напредок во преговорите околу спорот меѓу двете земји.

-Целта на средбата, која следи по посетата на Нимиц на Македонија на почетокот на јули, е да се дискутира за пронаоѓање можност за напредок во преговорите за спорот за името, изјави Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на Обединетите нации.

Грчкиот министер за надворешни работи во пресрет на состанокот не ги прецизираше конкретно грчките позиции. Тој во интервју за грчката телевизија „Антена" порача дека главен услов за какво и да е поместување останува Скопје да се откаже од како што вели иредентизмот, кој не смее да се рашири низ Балканот. Коѕијас тврди дека досега Македонија не била подготвена за решение.

- Не смееме да дозволиме национализам во регионот. Овие прашања бараат голема доза на претпазливост, голема сериозност и токму од таа причина ова е мое прво гостување во емисија како министер за надворешни работи а на оваа функција сум веќе три години.. Мене би ми било многу лесно да ви одговорам и да ви кажам што мислам, но после тоа ќе ми биде многу потешко да преговарам на начинот на кој што сакам, изјави грчкиот министер за надворешни работи.

Шефот на грчката дипломатија и медијаторот во спорот за името Метју Нимиц се среќаваат во Брисел откако минатата недела во Солун на трилатералната средба, Ципрас, Борисов и Вучиќ порачаа дека ги поддржуваат македонските ЕУ интеграции, но само со решено име.

Посредникот, пак, по средбите со македонскиот државен врв во Скопје порача дека од интензивирањето на преговорите меѓу двете страни не може да се очекува нов предлог и брзо решение и порача и дека ќе треба уште време.

- Мислам дека не е вистинско време за конкретни предлози. Одреден период им треба на двете страни за да разговараат меѓу себе. Мора да се најдат начини за интензивирање на процесот, во наредните месеци не треба да очекуваме драматични промени. За да се реши прашањето за името потребен е генерален прогрес на двете страни, односно тие да се ислушаат меѓу себе за своите позиции и да покажат отвореност. Во наредните неколку месеци не треба да очекуваме драматични активности или промени. Сметам дека во моментов не е време за конечни, конкретни предлози. Потребен ни е период кога двете страни ќе разговараат меѓу себе. Имаме нова Влада овде, и нов контекст во регионот. Така што работите ќе се придвижат, но не гледам драматични случувања во следните неколку месеци, посочи медијаторот Нимиц во Скопје.

Пред три години Нимиц порача дека главен проблем и понатаму останува местоположбата на географската одредница – дали да биде пред или по терминот Република. Официјална Атина инсистира географската одредница да стои пред името на државата, а не пред Република што го одредува уставното уредување. Познато е и дека Грците бараат договореното име да се користи за севкупна употреба.

Зголемената активност околу спорот со името доаѓа по посетата на македонскиот министер Никола Димитров во Атина, но и по барањето на македонската страна прием во НАТО под референцата ПЈРМ, нешто што Атина го одби како неприфатливо.

Специјалниот претставник на ОН во разговорите меѓу Македонија и Грција на почетокот на овој месец ја посети земјава после три години. Во меѓувреме, своите пораки, воглавно ги испраќаше преку интервјуа. Неодамна и порача на новата македонска влада да го држи прашањето за името високо на својата агенда. Цели 23 години откако е назначен за специјален претставник на ОН за посредување во спорот за името, неговата медијација не вроди со плод, но форматот на разговорите и понатаму останува ист, во рамките на Обединетите нации.

Поврзани

Најнови вести

Коментари