Утре во Брисел

Коѕиас на средба со Нимиц, што може да се очекува ?

Грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас утре во Брисел ќе има средба со медијаторот за спорот со името на Македонија, Метју Нимиц. сепак, не е првпат Нимиц да ги води преговорите во овој град, што пак се должи на неможноста на Коѕиас да го прими на разговори медијаторот додека тој престојуваше во Македонија неодамна.

Од Обединетите нации велат дека состанокот е по барање на Грција, откако тие ја одложија средбата во Атина по состанокот во Скопје. Од таму велат, целата е да се постигне напредок во преговорите околу спорот меѓу двете земји.

„Целта на средбата, која следи по посетата на Нимиц на Македонија на почетокот на јули, е да се дискутира за пронаоѓање можност за напредок во преговорите за спорот за името", изјави Стефан Дужарик – портпарол на генералниот секретар на Обединетите нации.

Грчкиот министер за надворешни работи во пресрет на состанокот не ги прецизираше конкретно грчките позиции.Тој во интервју за грчката телевизија „Антена" тој порача дека главен услов за какво и да е поместување останува Скопје да се откаже од како што вели иредентизмот, кој не смее да се рашири низ Балканот. Коѕиас тврди дека досега Македонија не била подготвена за решение.

„Не смееме да дозволиме национализам во регионот. Овие прашања бараат голема доза на претпазливост, голема сериозност и токму од таа причина ова е мое прво гостување во емисија како министер за надворешни работи а на оваа функција сум веќе три години.. Мене би ми било многу лесно да ви одговорам и да ви кажам што мислам, но после тоа ќе ми биде многу потешко да преговарам на начинот на кој што сакам", изјави Никос Коѕиас – министер за надворешни работи на Грција.

Коѕиас и Нимиц се среќаваат откако неделава во Солун на трилатералната средба меѓу Ципрас, Борисов и Вучиќ беше реактивирана поддршката за македонските ЕУ интеграции, но само со решено име. Она што досега беше грчка позиција од која не отстпуваше грчката Влада – беше географска одредница по терминот Македонија, како и име за севкупна употреба.

Посредникот пак по средбите со македонскиот државен врв во Скопје порача дека од интензивирањето на преговорите меѓу двете страни не може да се очекува нов предлог и брзо решение и порача и дека ќе треба уште време.

„Мислам дека не е вистинско време за конкретни предлози. Одреден период им треба на двете страни за да разговараат меѓу себе. Мора да се најдат начини за интензивирање на процесот, во наредните месеци не треба да очекуваме драматични промени", рече Нимиц во Скопје.

Пред три години Нимиц порача дека главен проблем и понатаму останува местоположбата на географската одредница – дали да биде пред или по терминот Република.

Зголемената активност околу спорот со името доаѓа по посетата на македонскиот министер Никола Димитров во Атина, но и по барањето на македонската страна прием во НАТО под референцата ПЈРМ , нешто што Атина го одби како неприфатливо.

Поврзани

Најнови вести

Коментари