Се крои судбината на спомениците од проектот "Скопје 2014"

Ќосето прв ќе биде ликвидиран

Споменикот на Ќосето беше посочен од страна на министерот Алаѓозовски на последната прес-конференција, како најспорен споменик од проектот "Скопје 2014" за чија судбина прво ќе се одлучува. Оттаму се поставува и прашањето кои други споменици и дали и останатите 4 поставени во ист ден, ќе бидат на тапет, и дали тие ќе бидат само дислоцирани или трајно отстранети. Одговорот, според Алаѓозовски, јавноста ќе го добие веќе наредната недела

Споменикот на Андон Јанев-Ќосето пред Врховниот суд во Скопје е првиот на листата на споменици од проектот "Скопје 2014" за чија судбина Министерството за култура и Владата ќе одлучат веќе наредната недела.

Поставувањето на споменикот на овој, за многумина контроверзен лик, познат во македонската историја како револуционер, терорист на ТМОРО и ликвидатор, предизвика бурна реакција во јавноста. Споменикот на Ќосето со кама в рака беше подигнат пред Врховниот суд на 7 септември 2014, а во исто време во центарот на градот во близина на Универзитетската библиотека и Судската палата беа поставени уште четири и тоа на Пере Тошев, Никола Русински, Ѓорѓи Сугаре и првиот генерал на македонската војска, Михајло Апостолски (на кружениот тек во близина на Континентал).

За разлика од претходните, овие споменици беа донација на Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, со седиште во Скопје. СДСМ тогаш побара одговорност од владеачката партија, а од УЈП и Управата за финансиско разузнавање да се утврди потеклото на парите.

Инаку, скулптурата на Ќосето беше посочена од страна на министерот Алаѓозовски на последната прес-конференција, како најспорен споменик од проектот "Скопје 2014# за чија судбина прво ќе се одлучува. Оттаму се поставува и прашањето кои други споменици и дали и останатите 4 поставени во ист ден, ќе бидат на тапет, и дали тие ќе бидат само дислоцирани или трајно отстранети.
Според Алаѓозовски, работната група при Министерството веќе прави анализа на сите спорни споменици, но не открива за кои конкретно се работи, посочувајќи дека информацијата јавноста ќе ја добие веќе следната недела.

"Проектот 'Скопје 2014' е сложен и комплексен проблем. Базичната работна група која се состои од 5 члена ја изработува анализата за проектот "Скопје 2014" и по потреба ангажираме и стручњаци за одредени безбедносни, одржливи или финансиски аспекти. На крај одлучивме да му пристапиме на проблемот по фази, а приоритет да им се даде на оние објекти кои се најспорни за кои и самата јавност бара некаква реакција од нас, а тоа е споменикот на Андон Јанев-Ќосето, како и на проектите кои што се во различни фази на изградба со што се уште се создаваат финансиски импликации врз државниот буџет", вели Алаѓозовски. Тој додава дека поради комплексноста на какви било интервенции на дел од објектите е договорено работната група, да изготви повеќе можни сценарија за некои од нив, а Владата да донесе одлука што конкретно или поединечно со овие објекти.

"Работната група веќе има еден првичен предлог за тие неколку спорни објекти. Бидејќи јас одам на пат, а премиерот е веќе во Њујорк се договоривме по нашето враќање да го разгледаме тој предлог од работната група и соодветно да интервенираме доставувајќи предлог-мерки до самата Влада", изјави Алаѓозовски.

И во работната група за анализа на проектот "Скопје 2014" не откриваат за кои споменици и објекти ќе се бара чаре.

"Имаме договор меѓу членовите на групата и Министерството за култура сите информации на оваа тема да идат исклучиво преку Министерството#, велат од групата составена од проф. д-р Мирослав Грчев, редовен професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ (координатор), м-р Никола Наумоски, политиколог и комуниколог, Мартин Пановски, дипломиран инженер - архитект, доц. д-р Донка Барџиева - Трајковска, историчар на уметност и конзерватор и Златко Теодосиевски, ликовен критичар и советник-куратор.

Од Министерството за култура и вчера го повторија ставот на Алаѓозовски.

"Во овој момент немаме конкретни информации кои се скулптури и објекти се спорни. Не сакаме да се истрчуваме со информации пред стручната комисија целосно да го заврши извештајот. Јавноста ќе ги добие информациите веднаш по враќањето на министерот Алаѓозовски од форумот во Кина", велат од службата за односи со јавност при Министерството за култура.

Поврзани

Најнови вести

Коментари