Пензискиот фонд е финансиска дупка поголема од Тат

Каде се една милијарда евра, неискористени пари од пензионерите?!

Дали пензиите што ги примаат пензионерите одговараат на износот пари што ги уплаќале во пензискиот фонд додека работеле? Пресметките велат - не, и затоа се бара да се најде нов модел за правичнен надомест за пензија.

Според сегашните прописи, од бруто платата која се добива 18% одат за пензиско осигурување, а порано тој процент бил и поголем. Ова зборува дека секој, со просечна македонска плата, издвојува околу 100 евра месечно за пензија, и тоа најмалку 30 години. Кога ќе се земат сите фактори на инфлација, камата на претходно веќе дадени пари за пензиско осигурување, движење на висина на платите... секој што поминал 30 години на работа, според просечна пресметана плата, оставил во пензискиот фонд околу 28.000 евра на кои треба да се пресмета и камата за сите тие години, по што износот станува многу поголем, повеќе од двојно поголем во секој случај.

Просечен век на живот во Македонија е 75 години, што значи дека пензијата се користи околу 10 години од страна на пензионерот. Просечната пензија од околу 200 евра на годишно ниво е износ од околу 2.500 евра за година, а за 10 години то се околу 25.000 евра кои пензискиот фонд му ги исплаќа на еден пензионер. А му земале, просечно, 28.000 евра, плус камата уште барем толку. И, се поставува прашањето - кој ги присвоил без дозвола од вработениот и пензионерот, 3.000 од главницата на неговиот пензиски фонд, и уште најмалку 28.000 од каматите на парите кои вработениот 30 години ги плаќал во пензискиот фонд за да има стабилна пензија?

Тоа се големи, многу големи пари. Бројот на пензионери варира, но се движи околу 300.000. Ако земеме дека близу 200.000 од нив се со редовна старосна пензија, и ако секој од нив по 3.000 евра оставил на државата пред да почине, а не ги искористил за пензија парите кои додека работел ги наменувал на тоа... пресметката вели дека во Пензискиот фонд 200-те иљади старосни пензионери оставаат неискористени 600 милиони евра! И тоа без камата на нивните пари давани на фондот во период од 30 години. Со каматите, таа бројка е далеку поголема од една милијарда евра! Тоа е третина од македонскиот државен буџет, односно пари кои пензионерите ги оставиле на фондот а не ги искористиле за своја пензија. А фондот и државата се жалат дека пари за пензии нема, и дека Фондот за пензиско се мачи со исплата на пензиите. Тогаш, каде се милијарда евра од пензионерите кои останале на сметка на фондот неискористени.

Помалку од двајца вработени, денес, издржуваат еден пезнионер, што е критично бидејќи стандардите за пензиска стабилност бараат тројца вработени на еден пензионер. Статистиката на Фондот покажува дека во структурата доминираат корисниците на старосна пензија со 62,17%. 24,86% имаат семејна пензија, 12,38% се со инвалидска пензија, 0,48% се корисници на воена пензија, а со само 0,11% во структурата на пензионери учествуваат корисниците на земјоделска пензија.

Поради тоа се јавува потребата за преиспитување на системот за пресметка на придонесите од задолжително социјално осигурување. Ова е едно од барањата за подобрување на бизнис- климата во земјава кои Стопанската комора ги упати до Владата.

Кога станува збор за инпутот во тој систем (придонесите кои осигурениците ги плаќаат во системот), во Република Македонија ова прашање беше предмет на неколкукратно менување – со донесувањето на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во 2008 година највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите беше поставена на границата од четири просечни плати, а во 2011 година овој праг беше подигнат до износот од шест просечни плати. Во 2015 година, во краток период беше укинато уредувањето на највисока месечна основица за пресметување и уплата на придонеси, по што прагот повторно беше уреден и уште еднаш беше подигнат до износот од дванаесет просечни плати. Конечно, овој праг повторно е подигнат (започнувајќи од 01.01.2018 година) на шеснаесет просечни плати.

Притоа, континуираното менување на прагот до кој се плаќаат придонесите од задолжително социјално осигурување (од 4 просечни плати на 16 просечни плати во изминатите 10 години) беше проследено со пораст на највисокиот износ на пензија (од 30.317,00 денари во 2008 година, на 48.237,00 денари во 2017 година, соодветно на порастот на просечната плата во државата – од 16.884,00 во 2008 година, на 23.229,00 денари во 2017 година), но не и со ревидирање на кругот на услуги од здравственото осигурување кои може да ги користат осигурениците.

- Направената споредба на уредувањето на системот на пензиско осигурување во европските земји кои уредуваат највисок износ на кој се плаќаат придонеси, и највисок износ на пензија кој може да биде исплатен од системот на пензиско осигурување (државниот задолжителен столб, уреден според принципот pay-as-you-go), покажува дека единствено во Република Македонија постои толку голема разлика помеѓу соодносот на највисокиот износ на кој се плаќаат придонеси, и највисокиот износ на пензија којшто може да биде исплатен од системот на пензиско осигурување. Имено, додека највисоката основа за пресметување на придонеси е определена на ниво од 16 просечни месечни нето-плати, највисоката пензија која може да биде исплатена е само 2 пати поголема од просечната плата, што значително отстапува од соодносот во која било од државите кои се предмет на анализа- велат во Стопанската комора.

Податоците во табелата покажуваат дека во ниту едно од законодавствата кои уредуваат максимален износ на кој се уплатуваат придонеси и највисок износ на пензија кој што може да биде остварен, прагот до кој се плаќаат придонесите не е поставен на толку високо ниво (најблизок корелат е Хрватска, со сооднос 1:8,00 во однос на просечната плата, но таквиот сооднос се одразува и на максималниот износ на пензија кој што може да биде исплатен – 3,8 пати од просечно исплатената плата во државата).

- Во Република Македонија постои несразмерно голема разлика помеѓу обврските кои им се наметнуваат на осигурениците за плаќање на придонеси во системот, и резултатите кои осигурениците може да ги одбијат од тој систем, што, секако, не соодветствува на принципот на валоризација на придонесите. Согласно наведеното, произлегува дека уредувањето на ова прашање има карактер на прикриено оданочување, со што се доведува во прашање карактерот на оваа давачка како придонес. Од овие причини, потребно е да биде преиспитано уредувањето на методологијата за пресметка на обврските по основ на плаќање на придонесите за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување во функција на солидарната, но и пазарната компонента, и тоа или преку корегирање на уредувањето на соодносот помеѓу највисокиот износ на кој се плаќаат придонеси, и највисок износ на пензија којшто може да биде исплатен од системот на пензиско осигурување (државниот задолжителен столб, уреден според принципот pay-as-you-go), или преку промени во уредувањето на начинот на кој се распоредуваат придонесите- велат во комората.

Поврзани

Најнови вести

Коментари