Четириесет пожарникари со 15 противпожарни возила во борба со огнена стихија

Изгоре дел од историјата на Скопје

Четириесет пожарникари со 15 противпожарни возила заедно со екипи на Јавното претпријатие "Водовод и канализација", повеќе од еден час се бореа да ја локализираат огнената стихија која вчера околу пладне пеплоса три бараки и се прошири на четвртата, кај ГУЦ "Здравко Цветковски" на булеварот "Партизански одреди" во Карпош.

фото: Н.БАТЕВ

Ветрот кој во моментот дуваше, беше причина што пожарот се ширеше со молскавична брзина, но благодарение на професионалноста и обученоста на пожарникарите беше ставен под контролаи не се прошири. За среќа, помина без повредени лица.

Веднаш по интервенцијата, командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Звонко Томески изјави дека пожарот е локализиран и оти не постои опасност да се прошири.
- Интервенирано е со 40 пожарникари, а во гаснењето на пожарот ни помогнаа и екипи на "Водовод и канализација". Спречено е ширење на пожарот на останатите бараки. Нема повредени лица и пожарникари, истакна Томески.

А очевидци на настанот велат дека глетката била страотна. Прво што забележале бил големиот црн чад кој се извивал над средното училиште, а се гледал од пошироката околина.

- Глетката беше страотна. Од прозор видов дека станува збор за голем пожар и веднаш се фатив за телефонот да алармирам во Пожарна, изјави очевидка на настанот.

Пожарот ги зафати бараките на Институтот за социолошки и правно-политички истражувања како и на Архитектонското биро сместени во Градежниот училишен центар "Здравко Цветковски#.

Во моментот на пожарот, во бараките на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања имало и вработени, но за среќа тие биле навреме евакуирани. Во оваа барака, според пожарникарите, била причинета само мала материјална штета. Затоа пак, останатите три биле целосно изгорени.

За време на интервенцијата, поширокиот регион беше блокиран поради опасноста од експлозија од плинската станица која ја користи градежното училиште, а се наоѓа во близина.

Причините за пожарот сеуште не се познати, а Општина Карпош побара темелна истрага.

- Изгоре поранешниот Градски завод за урбанизам, кој е во стечај. Со ова заминува дел од историјата на Град Скопје, макети од значајни објекти, проекти и урбанистички планови. Симптоматично е што пожарот многу брзо се ширеше и затоа Општина Карпош бара од Министерството за внатрешни работи - Службата за противпожарна заштита да направи темелна истрага за причините за пожарот, се наведува во соопштението.

Поврзани

Најнови вести

Коментари