Предавање на ректорот на ЕУРМ, проф. д-р Лидија Наумовска - "Професионална ориентација и кариера"

Испитување на желбите на средношколците за избор на нивната професија

Одлуките кои ќе ги донесат средношколците, ќе бидат важни за целиот нивни живот. Затоа, тие мора да се донесат самостојно, во лично име, а не затоа што таа професија ја сакаат родителите или се имитираат другарите. Исто така, треба да се води сметка за способностите на младиот човек и заинтересираноста за вложување напор, вели проф. Д-р Лидија Наумовска во своето предавање на тема "Професионална ориентација и кариера"

Во рамките на работилницата на Факултетот за правни науки при ЕУРМ на тема "Каква работа посакувам, на каква - се надевам" свое предавање имаше и ректорот на ЕУРМ, проф. д-р Лидија Наумовска - "Професионална ориентација и кариера". Во своето предавање таа дава одговор на многу прашања како кое ниво на образование да се избере, кои се потребите на општеството за соодветната професија, кои се способностите, интересите, склоностите, желбите и квалитетот на личноста која избира.

Според неа, одлуките кои ќе ги донесат средношколците, ќе бидат важни за целиот нивни живот. Затоа, тие мора да се донесат самостојно, во лично име, а не затоа што таа професија ја сакаат родителите, или се имитираат другарите. Исто така, треба да се води сметка за способностите на младиот човек и заинтересираноста за вложување напор. На пример има многу луѓе што сакаат да студираат информатика, бидејќи таа е најбараната професија на пазарот, но не знаат математика. Или не сакаат работното време да го поминат на столче, со вперен поглед во монитор и воспален мозок од многубројни решенија на проблемот.

- Ако човекот е социјален, сака да се дружи, да гледа во нечие лице додека работи, нека избере друга професија. Ако сака да програмира, да им ја олесни работата на луѓето и да заработи пари – изборот е јасен, Факултет за информатика. Ако младиот човек избере да биде дизајнер, тој треба да знае да црта, да е креативен, да има основи од сликарство, да ужива во убави работи, да сака да твори. Ако пак има голема желба, а нема талент, може да земе часови за цртање пред уписот. Познато е дека талентот има мал удел во успехот, наспроти напорната работа со љубов, вели проф. д-р Наумовска.

Понатаму таа додава дека студентите кои ќе одберат да се занимаваат со економија, треба да сакаат да се занимаваат со бизнис, или да се гледаат себе си, како успешни банкари, менаџери. Оние што ќе одлучат да работат сметководство, треба да се трпеливи, да можат долго да издржат да седат, да се аналитични, да имаат развиена логика. Студентите што ќе изберат да студираат маркетинг, треба да се креативни, слободоумни, да знаат да направат добра понуда, да умеат да се промовираат себе, за да можат да промовираат некој производ.

Правник, судија, адвокат, обвинител се професии за оние кои ги разбираат принципите и филозофиите кои влијаат на правните системи и правото на државата, и претставуваат кандидати за упис на правен факултет. Оваа професија е регулирана, лиценцирана и престижна и се постигнува со дипломирање на Факултетот за правни науки.

- На сите мали дечиња, првиот избор за професија е доктор или стоматолог. Не постојат
комплети играчки без стоматолошки прибор. Оваа професија бара, многу вложување и огромни напори, бидејќи овој факултет се изучува 5 години. Подоцна, треба да се положи државен испит и најмалку, во текот на кариерата треба да се заврши некоја специјализација по стоматологија. Докторот треба да е педантен, емпатичен и хуман човек, кој ја сака својата професија и е спремен да се жртвува за неа. Професорите на Факултетот за стоматологија на ЕУРМ се подготвени да ги развијат овие вештини кај студентите. Силните момци и девојки кои ги интересира форензика и решавање на конфликти и интриги, оние кои сакаат спорт и боречки вештини, се идните студенти на Факултетот за детективи и криминалистика, вели професорката во своето предавање "Професионална ориентација и кариера".

Проф. д-р Наумовска смета дека сите овие професии, ако се избрани по волја на студентот, ќе ги исполнат неговите желби и ќе донесат големо задоволство во работата.

Покрај можностите кои се нудат на Европски универзитет РМ со наведените факултети, секој матурант треба да се спознае себе си, за да може полесно да ги надмине предизвиците на професијата. Имено, многу е важно дали младиот човек е читател или слушател?

Винстон Черчил, е пример на човек, кој како ученик не работел доволно во училиштето,
поради што, неговите сеќавања за училиштето, се чиста тортура, бидејќи страдал од здодевност. Објаснувањето е дека, тој бил првокласен писател, односно учел преку пишување, а тие ученици, по правило не учат преку слушање и читање, туку преку пишување. Затоа, учениците добиваат лоши оценки и тоа за нив е пекол и тортура. Исто така и Бетовен помнел со пишување и затоа оставил зад себе огромен број на книги-скици, кои никогаш не ги користел додека ги пишувал неговите композиции. На прашањето зошто ги чува овие скици? Тој одговорил дека, ако не ја забележи идејата веднаш, ја заборава. Многу успешни адвокати, професори, доктори, инженери, учеле на „глас", затоа што подобро запомнуваат кога се слушаат себеси како зборуваат.

Таа објаснува дека кога ќе се одбере професијата, дипломираниот студент треба да се вработи во некоја организација. Како ќе ја избере? Најпрво ќе се запраша: Дали јас работам добро со луѓе, или сум осаменик? Некои луѓе работат најдобро како подредени. Некои, како членови на тим, други како тренери и ментори. Дали некој дејствува подобро кога е под стрес, или има потреба од високо структурирана и предвидлива средина. Дали некој работи подобро како ситна риба во голема организација или како голема риба во мала организација? Мал број луѓе работат добро и на двата начина. Луѓето кои се успешни во големи организации, се збунуваат кога преминуваат во помали организации. Луѓето кои одлично работат во мали организации, се збунуваат кога добиваат работа во голема организација. Дали даваме подобри резултати како доносители на одлуки или како советници? Многу добри луѓе работат подобро како советници, но не можат да преземаат товар и притисок за донесување одлуки. Спротивно од тоа, многу луѓе, имаат потреба од советник, за да ги натера да размислуваат, за да можат да донесат одлуки и да дејствуваат со брзина, самодоверба и храброст. Ова е причината зошто – две лица во една организација, често пропаѓаат кога се унапредени т.е. кога добиваат повисоко работно место.

Читателите никогаш нема да станат слушатели, а слушателите никогаш нема да станат пишувачи. Но, секој може да се потруди да направи пристојна усна презентација, или да напише пристоен извештај, за да може подобро да се претстави себе си и да си го оствари својот сон!

Проф. Д-р Наумовска во своето предавање дава одговор на прашањето што ќе донесе правилниот избор на професијата? Успех во работата, радост, задоволство, добри перформанси, развој во кариерата, соодветна сатисфакција од трудот. Доколку се испочитуваат правилата за избор на професија, грешката може да биде помала, но секогаш постои ризик.

Европски универзитет РМ промовира иновативно, креативно и независно мислење. Можете да работите како член на тим, да комуницирате ефективно со колегите и да ги развивате практичните вештини и интелектуалните можности, кои ви се потребни за глобален успех.
Најважно, ќе научите како да ја употребувате вашата иницијатива. Вашите наставници ќе ве охрабруваат да размислувате оригинално, да барате практични решенија за вистинските проблеми. После дипломирањето, вашите квалификации ќе ве направат високо стручни и посакувани вработени во интернационалните компании.

Така, ако сакате квалитетна едукација и добар животен стил, Европски универзитет РМ е вистинско место.

Поврзани

Најнови вести

Коментари