Хан и Заев утре со заедничка прес-конференција во Скопје

Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан утре доаѓа во дводневна посета на Скопје. Како што информираше Владата, премиерот Зоран Заев ќе има работен ручек со еврокомесарот Хан. По работната средба во Клубот на пратениците ќе одржат заедничка прес-конференција во 14.30 минути.

Потоа во Секретаријатот за европски прашања, Хан ќе има средба со заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за правда Билен Саљији, како и со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

На средбата која е планирано да се одржи во 15 часот, вицепремиерот Османи ќе ги презентира новите реформски пакети Шест и Девет, кои претставуваат дополнение не Планот 3-6-9, а во кои се содржат реформите кои произлегуваат од сите забелешки, препораки и сугестии во извештаите на Европската Комисија, како и сите други релевантни меѓународни и домашни институции.

Посебен осврт на реформските приоритети во клучните области, правосудството, реформата на безбедносните служби, како и реформите во јавната администрација, во детали ќе ги презентираат соодветните ресорните министри задолжени за нивна подготовка и имплементација, Спасовски, Саљији и Манчевски.

Османи на еврокомесарот Хан ќе му ги претстави и клучните делови од извештајот за имплементација на делот три од Планот 3-6-9, кој беше крунисан со одржувањето на фер, слободни и кредибилни избори.

 

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари