ПРЕМИЕРОТ ВО ОДБРАНА НА ПРОЕКТОТ ЗА МЕТРОПОЛАТА

Груевски: Скопје 2014 ќе го разубави главниот град

Ќе се овозможи поубав изглед на метрополата. Проектот на државата годишно ќе и штеди по еден и пол милиони евра. Тоа се пари кои сега државните институции ги даваат за кирија, смета премиерот

Проектот "Скопје 2014" ќе го разубави главниот град и ќе претставува спас за градежните компании, изјави премиерот Никола Груевски во саботата, при посетата на Штип. Според него проектот е добро решение и на идните генерации ќе им остави поубава метропола.
- Освен тоа што ќе овозможи поубав изглед на метрополата, проектот на државата годишно ќе и штеди по еден и пол милиони евра. Тоа се пари кои сега државните институции ги даваат за кирија. Јас мислам дека е добро да се гради. Не само што се дава работа на градежната оператива туку и се создава општо добро. Дефинитивно Скопје ќе биде разубавено со овој проект, изјави Груевски.

Невладината "Разуди се пак" смета дека овој проект ќе придонесе за нова етничка поделеност. Припадниците на мирен протест на Камениот мост во Скопје симболично срушија ѕид од картонски кутии.
- Проектот "Скопје 2014" гради ѕидови. Ние младите, Македонци и Албанци, и сите граѓани на Скопје сме против градењето на ѕидови што го делат градот на два дела и ги делат етничките и верските заедници во градот и државата, изјави Беким Хоџа од"Разбуди се".
Иако беше најавено дека на протестот ќе се појават и претставници на "Плоштад Слобода" тоа не се случи. Тие се пожалија на притисоци и закани од власта.

Од владејачаката ВМРО-ДПМНЕ демантираа дека им се заканувале на "Плоштад Слобода". Оваа партија потсети на "спомениците" од времето на владеење на СДСМ и Бранко Црвенковски. Според ВМРО-ДПМНЕ криминаланата приватизација, обезвреднетиот имот на граѓаните, вреден 4,5 милијарди долари, армијата стечајци, 40 проценти невработеност, 30 проценти сиромаштија, уништените земјоделски комбинати и заробените девизни заштеди се карактеристиките на владеењето на социјал-демократите.
- Црвенковски ги промовира урбаната мафија, корупцијата во здравството и партизацијата на судството. Од капиталните добра ги изградија "Кинескиот ѕид", зградата Тифани, хациендите на Водно, дивоградбите во Дебар маало, шпанските села, мостот Влајко. Ги уништија Железара, Стаклара, Кожара, Циглана, Центро, Славија, Југохром, Алумина, Отекс, Тутунски комбинат и други компании, изјави Сашо Стефановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката партија смета дека во време кога интензивно се гради, Бранко Црвенковски, работел на рушење, затоа што не можел да се помири со големата поддршка која ја ужива власта.
Социјал-демократите пак сметаат дека со ваквите изјави ВМРО-ДПМНЕ сака да ги сокрие сопствениот криминал и корупција.

Според Нова демократија на Имер Селмани потребни се мултиетнички споменици.

Поврзани

Најнови вести

Коментари