Фетаи го искара Груевски, повеќе гледал во мобилниот отколку што го следел судењето

На денешното рочиште за случајот со насилството во општина Центар, обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи го опомена обвинетиот поранешен премиер, Никола Груевски дека наместо да гледа постојано во мобилниот телефон, треба да го следи судењето во кое тој е првообвинет и да покаже почит кон судот. По ова Фетаи побара од судијката Татјана Михајлова да им укаже и на обвинетите кои седеа зад обвинителката, да не и дофрлуваат постојано додека таа зборува. 

„Ќе ве замолам чесен Суде да го опоменете и да му укажете на обвинетиот Никола Груевски дека треба активно да го следи судскиот процес кој се води против него. Тој повеќе гледа во мобилниот телефон, отколку што го следи судскиот процес против него. Ако може и да му укажете на еден од обвинетите кој седи зад мене, да не дофрлува постојано додека јас зборувам, бидејќи ми пречи додека поставувам прашања на оштетениот Андреј Жерновски", рече обвинителката Фетаи, обраќајки се кои судијката Татјана Михајлова, која ја води постапката.

Судијката Михајлова му укажа на обвинетиот Груевски, а и на останатите присутни во судницата дека мобилните телефони во судница не смеат да се користат и дека ако таа може да се возржи од користење на мобилниот телефон додека е во судница, тоа треба да направат сите присутни.

„ Оставете ги настрана мобилните телефони за да не се доведам во ситуација да треба да станам и јас да ги одземам од сите вас. Овде се е снимено и документирано. Секој ваш потег, секој разговор. Имаме две рачни камери кои снимаат, за не дај боже едната да откаже. Не сме Америка, но условите се тие. Во записникот ќе има се од А до Ш. Колку и да ми одземе време или да ми предизвика тешкотија, јас ќе ги прегледам снимките и се ќе внесам на записник, а и сите од овој процес ќе добиете од снимениот материјал", рече судијката Маихајлова.

Денешниот судски процес е прв од постапките на СЈО кој се снима. Снимање на судењето Јанакиески и Груевски побараа и во постапката за „Траекторија" во која се обвинети, а истото од судот го побара и обвинетиот Драган Павловиќ-Латас.

Оваа можност ја даде новиот Закон за кривична постапка кој стапи на сила во јануари, 2013.

И Груевски и Јанакиески, а денес и Латас не им дозволија на снимателите и фотографите да направат снимки и фотографии од нив во судница.

Во Основниот суд Скопје 1 големата судница со број 1 е единствената која има можност за снимање на судско рочиште.

Поврзани

Најнови вести

Коментари