Интервју со проф. д-р Јана Манева - Чупоска, декан на Факултетот за арт и дизајн

ЕУРМ напредуваше и стана препознатлива и реномирана високообразовна институција

Постои голем интерес од страна на матурантите за запишување на ЕУРМ. Во рамките на отворените денови Универзитетот го посетија матуранти од повеќе гимназии кои дојдоа и се уверија во она што го зборуваме, а тоа е современи услови за студирање, стручен кадар и отвореност за комуникација

Кажете ни нешто повеќе за ЕУРМ и поконкретно за ФАД, условите за студирање, начинот на работа, стручниот кадар итн...

Факултетот за арт и дизајн е првиот факултет за применета уметност кој е основан во 2006 година, што значи дека оваа академска година ќе ја запишеме 12-тата генерација што е голема бројка за приватното образование и за еден ваков специфичен факултет. ФАД има три насоки: Катедра за графички дизајн; Катедра за моден дизајн; и Катедра за дизајн на ентериер. Потребата да се основа ваков факултет произлезе од потребата за изучување на дизајн техники и вештини. Освен Ликовната академија која е сосема поинаков концепт на едукација, факултет за применета уметност во Македонија не постоеше. Сите оние кои имаа интерес да студираат на вакви факултети мораа да заминат во странство. По отворањето на нашиот факултет се откри огромниот интерес за ваквите професии. Први имавме визија дека македонското општество има потреба од едуцирање на кадри од областа на дизајнот. Токму затоа од сегашен аспект можеме да се гордееме со сите единаесет генерации кои излегоа од овој факултет. Тие денес работат во дизајн студија и се имплементирани во македонското општество и надвор од него. Тоа значи дека сите знаења кои наставниот кадар во овие години ги пренесувал на студентите станале реалност. Тие си ја знаат својата работа и се подготвени своето знаење кое го добиле на факултетот да го имплементираат. Навистина сме горди што станавме факултет број еден од областа на применета уметност, вели проф. д-р Јана Манева - Чупоска.

Професорката вели дека за да напредуваат и да станат тоа што се денес влијаеле повеќе фактори, прв и најзначаен е наставниот кадар кој го сочинуваат активни професори со бројни проекти, изложби и дизајн концепти позади себе. Голем дел од нив имаат богато меѓународно искуство и завршиле надвор од Македонија. Вториот, исто така многу важен фактор се условите за студирање кои овозможуваат реализација на наставната програма и стекнување на вештини кои ќе им помогнат во нивниот понатамошен ангажман.

Во тек се уписи за новата академска година. Колкав е интересот на матурантите за запишување конкретно на ФАД, како и на другите факултети во рамките на ЕУРМ?

Постои голем интерес од страна на матурантите, посебно за дизајн кој во последно време многу често се употребува. Всушност на матурантите веќе им станува јасна улогата и потребата, како од моден, така и од дизајн на ентериер. Практично дизајнот во последно време има голема примена во секојдневниот живот. Секако, постои голем интерес и во делот на графичкиот дизајн. Средношколците секојдневно преку дигиталните техники и интернетот многу брзо дознаваат каква е улогата и колку е потребен дизајнот во секојдневното живеење, вели Манева - Чупоска.

Таа очекува дека и годинава како и претходните години интересот за запишување на студенти на ФАД, како и на другите факултети во рамките на ЕУРМ, ќе биде голем. Ние сме отворени и ги покануваме сите заинтересирани матуранти да дојдат и да се уверат во она што го зборуваме. Имаме отворени денови на ЕУРМ во чии рамки не посетија матуранти од повеќе гимназии. На матурантите ФАД им го презентиравме со предавањето Дизајн пракса кој е последниот наш проект од Еразмус плус програмата. Исто така, она што е многу важно да го знаат средношколците кои се запишуваат на овој универзитет е што покрај задолжителната наставна програма студентите редовно се вклучени во одредени проекти.

Што е она што ЕУРМ го издвојува од другите приватни и државни универзитети во државата?

Го издвојуваат повеќе фактори, но како што и претходно споменавме најзначајни се условите за студирање, наставниот кадар и локацијата. Овие три фактори се многу важни студентите да го изберат ЕУРМ, кој е еден од првите приватни факултети со 16 години постоење. Тоа значи дека имаме континуитет, дека се развиваме, во однос на наставните програми кои се надоградуваат поради следење на актуелните трендови во образованието.

Што им овозможува праксата на студентите која на ЕУРМ е задолжителна. Дали стекнатите вештини и контакти за време на праксата им овозможуваат полесно вработување?

Праксата на студентите на ЕУРМ е задолжителна. Тие се должни секоја академска година да стажираат по 30 дена. Нашите студенти ги праќаме во фирми и институции со кои ние имаме потпишано договор. Така, на пример, студентите од ФАД одат на пракса во Национална галерија, КИЦ, Галерија "Остен#, "Јавна соба#, Модно студио "Елена Лука# итн. Стажирањето е многу важно за студентите, бидејќи тие се стекнуваат со работни вештини, а многу често се случува по завршувањето на студиите тие да се вработат во истите фирми во кои стажирале.

Исто така, да потсетиме дека годинава студентите од ФАД ќе изработат бесплатен аутфит на еден матурант кој ќе биде избран по пат на селекција. Пријавувањето веќе заврши, селекцијата ќе се врши неделава, а реализацијата на матурскиот аутфит ќе започне наредната недела.

(А.С)

Поврзани

Најнови вести

Коментари