ИНТЕРВЈУ НА АЛБАНСКИОТ ПРЕМИЕР ЗА ВИЕНСКИ „СТАНДАРД“:

Еди Рама: Албанците во Македонија не се малцинство туку конститутивен народ

Рама смета дека е природно што претставниците на албанските политички партии во земјава по изборите, барале мислење од Тирана како да постапат кога станува збор за формирање влада. Посочува дека тоа што Албанија им помогнала на Албанците во Македонија не значи и мешање во внатрешните работи на државата 

Без оглед на тоа кој што кажува, јас секогаш ќе се грижам за Албанците кои живеат во други држави бидејќи тоа е согласно албанскиот Устав, вели премиерот на Албанија Еди Рама во интеврјуто за виенскиот весник "Стандард". Рама кој се залага за „унија со Косово" ако нема прием на држави од Запден Балкан во ЕУ, тврди дека не растат стравовите од „спојување на Албанија и Косово". Во врска со Албанците во Македонија, Рама смета дека е природно што претставниците на албанските политички партии во земјава по изборите, барале мислење од Тирана како да постапат кога станува збор за формирање влада. Тој тврди дека т.н. тиранска платформма не е причина што поранешниот премиер Никола Груевски веќе не е на власт. Албанскиот премиер посочува дека не верува дека би било скандал ако Австрија се залага за Австријци вон државата.

- Албанците во Македонија не се малцинство туку конститутивен народ и ако на нив им се помага, тоа значи дека и се помага и на Македонија во зацврстувањето. Тоа што Албанија им помогнала на Албанците во Македонија не значи и мешање во внатрешните работи на друга држава. За нас Македонија е централна и секаква закана за интегритетот за таа држава би била опасна за целиот регион, вели Рама.

Премиерот на Албанија во интервјуто ја критикува и Европската унија бидејќи визната либерализација за Приштина ја условува со демаркација на границата со Црна Гора, а истовремено преговара со Србија. Тој смета дека не е фер што ЕУ преговара за присоединување на Црна Гора и Србија, но не и со Албанија.

- Претците на младите Косовари...сега имаат своја држава, но се затечени во лебдечка состојба. Тие се единствено население во Европа кое не може да излезе од својата држава и тоа поради некои глупости. На нив им се поставени услови за добивање безвизен режим. ЕУ наведува – мора најпрво да имате договор за демаркација со Црна Гора и истовремено преговара со Србија, држава која не ги ни признала Косово, а камоли границите на Косово, нагласува Рама.

Во врска со договорот со косовскиот премиер Рамуш Харадинај дека треба да се олесни граничната контрола, тој вели дека Албанија сака границите со Косово да бидат по модел на оние меѓу Австрија и Швајцарија. Рама додава дека се залага за Европа со различни брзини, и смета дека со ЕУ никогаш не се знае бидејќи стално ги менуваат ставовите и условите.

– Процесот на проширување е се повеќе нефер и за државите станува се помалку предвидлив. Тука не се работи само за Албанија туку тоа има врска со Европа, нагласува тој.

Рама вели дека изјавата на Јункер за перспектива за прием во членство на држави од Балканот до 2025 година ја толкува дека тој никого не исклучил од тој процес туку само посебно ги истакнал Србија и Црна Гора кои веќе преговараат за членство.

– Во случајот со Албанија тоа е целосно нефер. Албанија многу пред Црна Гора стана членка на НАТО. Веќе сме и подлабоко во одлучувачките судски поглавја од Подгорица. И Србија мора да ги спроведе тие рефроми. Ние тоа веќе го направивме. Добро е што тие држави преговараат, но е нефер што ние тоа не го правиме, заклучува Рама и потенцира дека ЕУ мора да се реформира.

Поврзани

Најнови вести

Коментари