Димитров и Коѕијас очекуваат од Нимиц иницијална рамка за името

Министрите за надворешни работи, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Солун одржаа средба во  рамки на воспоставениот дијалог и консултации меѓу двете земји, насочени кон зајакнување на транспарентноста и меѓусебната доверба. Како што соопшти МНР, на средбата министрите имале добар разговор фокусиран на унапредувањето на билатералните односи и соработката во поширок контекст, поврзано со тековните мерки за градење доверба.

„Министрите изразија заедничко очекување дека на претстојниот состанок на 17 јануари, личниот претставник на Генералниот секретар на ООН, Метју Нимиц, ќе стави на маса инцијална рамка со која суштински ќе се напредне во надминувањето на разликата околу името. Димитров и Коѕијас разговараа за методологијата, за пристапот на двете страни, како и за рамката на процесот за надминување на разликата околу името и се сложија да имаат подиректна улога во разговорите со цел надминување на разликата околу името“, се вели во соопштението. Тие исто така размениле мислења поврзани со мерките за градење доверба и други подготовки околу следните средби на високо политичко ниво меѓу двете земји.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари