Димитров: Членството во ЕУ и следната година ќе биде врвен приоритет на надворешната политика

Клучните настани и надворешно политички активности во изминатата 2017-та година во земјата и регионот, како и  целите за следната година, биле во фокусот на обраќањето на министерот за надворешени работи на Република Македонија, Никола Димитров на  традиционалниот Новогодишен и Божикен прием за Дипломатскиот кор во земјава.

„Членството во Европската унија останува клучен приоритет на нашата надворешна политика. Искрено се надеваме дека нашата политичка волја и реформска ориентираност, заедно со поддршката на нашите пријатели и партнери, ќе ни донесе безусловна препорака за почеток на пристапните преговори, следната пролет. Ова е пред се’ во интерес на нашите граѓани, но исто така и во интерес на земјите од регионот и пошироко“ – рекол Димитров.

Во тој контекст нагласена била и детерминираноста на Република Македонија за евро-атлантска интеграција, но и за поголем придонес на мултилатерален план на кој Македонија прави значајни чекори преку неодамнешната ратификација на Парискиот климатски договор и онаа на Советот на Европа (Истанбулската конвенција за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство), чие ратификување се очекува наскоро.

Министерот им ги честитал новогодишните празници на присутните, потсетувајќи ги дека „во овие празнични денови, покрај подароците и убавите желби, на своите пријатели и најблиски надвор од земјава да им ја подарат и приказната за земјата која успеа од криза да создаде можност“.

На приемот, свое обраќање имал и доајенот на Дипломатскиот кор во Република Македонија, амбасадорот на Руската федерација, Олег Николаевич Шчербак, кој во име на сите членови на Дипломатскиот кор се заблагодарил на Димитров за приемот, за честитките за новогодишните празници и ја истакнал добрата и продуктивна атмосфера во соработката на Дипломатскиот кор како со Министерството за надворешни работи, така и со сите други државни институции.

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари