На балканскиот макро му пресуди еден куршум

Дилавер Бојку Леку - живееше и загина како на филм

Се уште не се јасни причините за неговото убиство, ниту кој е сторителот, но во медиумите се шпекулира дека станува збор за крвна одмазда, а се спомнува и ангажирање платен убиец

Со еден куршум в чело, во понеделникот среде бел ден околу 16:30 часот беше убиен 55-годишниот Дилавер Бојку Леку, познат како балкански бос на проституцијата. Бил застрелан додека седел на една од масите на терасата на сопствениот ресторан "Аква блу# на улицата "Партизанска“ во Струга.

Полицијата соопшти дека убиството го извршило непознато машко лице кое му се приближило на масата и од пиштол испукало еден проектил во чело, а веднаш потоа избегало.

Мастото каде што беше застрелан

- По сторителот се упатиле две лица, но и кон нив тој испукал неколку проектили по што побегнал. Повредениот веднаш бил пренесен на хируршкото одделение при општата болница во Струга, но по неуспешниот обид за реанимација била констатирана смрт. Увид на место на настанот извршиле јавен обвинител и екипа од Полициската станица Струга, од местото на настанот се подигнати материјали за вештачење, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е предадено за обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на настанот и пронаоѓање на сторителот, информираат од полицијата.

Се уште не се јасни причините за неговото убиство, ниту кој е сторителот, но во медиумите се шпекулира дека станува збор за крвна одмазда, а се спомнува и ангажирање платен убиец.

Имал три официјални сопруги и безброј љубовници

Балкански макро, крал на проституцијата, цар на белите робинки се "титулите# кои ги носеше Дилавер Бојку Леку, сопственик на голем број ноќни клубови. Во нив девојки од Молдавија, Романија и Украина живееја во најлоши човечки услови, а тој ги искористувал и кога ќе посакал ги продавал по цена од илјада и пол до пет илјади евра. Имал три официјални сопруги и безброј љубовници.
Албанец по националност, македонскиот државјанин од струшко Велешта со прекар Леку беше една од главните алки во синџирот на трговија со жени на Балканот.

Го држи рекордот во македонската полиција, бидејќи повеќе од две децении беше главен осомничен и осудуван за разни нелегални активности - корупција, здружување против државата, а најголемиот дел кривични пријави, сепак, беа за трговија со жени. Неговата кариера ја започнал во Швајцарија како градежен работник, а по враќањето во Македонија изградил барови во речиси секој поголем град на Македонија. Во нив, служеа, танцуваа на шипки и нудеа сексуални услуги голем број жени како робинки.

Кога полицијата го приведувала и го судела, Дилавер Бојку без двоумење, во сите изјави повторувал дека не работи на црно и дека сите жени имаат соодветни документи, дозволи за работа и ниту една нив не е таму на сила.

Како на филм - им побегна на полицајците скокајќи од кола

Во 2003 година го стигна пресуда за заробување на Украинки, Романки и Молдавки кои ги принудувал да се проституираат во неговите ноќни клубови во близина на Струга, "Еспресо„, "Кис ми„ и "Берн„. Полицијата брзо ги откри и баровите во Скопје, Охрид, Струга, Тетово, Гостивар, Битола каде открија околу дваесет жени од Источна Европа без документи. Беше обвинет за пет кривични дела поврзани со организирана проституција.

При неговото полициско спроведување, избега како на филм - скокајќи од кола. За неговото пронаоѓање беше заинтересиран и ФБИ, а САД понудија и награда од 10.000 долари за оној што ќе даде било каква информација каде се крие Бојку.

По две недели беше фатен во Улцин од каде планирал да замине за Бразил, но оперативците на МВР и Црна Гора беа побрзи... Беше екстрадиран во Македонија.

На 06.07.2003 година на скопскиот аеродром "Петровец„ слета хеликоптерот на македонската полиција со кој од Подгорица беше пренесен бегалецот, балканскиот макро бос, Дилавер Бојку. Со лисици на рацете, придружуван од неколку специјалци. Веднаш беше одведен во истражниот затвор во Шутка.

Од макро до бизнисмен


Во последните неколку години Бојку влегува во бизнисот со угостителство и туризам. Семејството Бојку на струшките плажи се сопственици на два ресторана, маркет, осум бунгалови, платформа во езерото, односно своја плажа во Струга, токму на местото каде што беше и убиен.

Неговата група од Велешта важи за семејство кое ја контролира и "работи# целата струшка територија. Во Струшко не беа ретки крвавите пресметки на бандите на подземјето заради милионскиот бизнис со плажите, кои подолго време се причина за меѓусебна војна меѓу семејството Бојку и ексградоначалникот на Струга, Зијадин Села.

Тоа не е тајна за стружани ниту за јавноста, особено по жестоката медиумска конфронтација помеѓу Бојку и Села.

Села најавуваше дека ќе урива и ќе направи ред со узурпираните струшки плажи, но изгледа дека мафијата, војната со локалните босови за општинскиот бизнис чија цена е неколку милиони евра зема и жртви и со куршуми се спротивставува и на конкурентите, и на институциите.

Таков беше и настанот во 2015 година кога криминалното подземје од струшкото село Велешта кога се случи вооружен напад во Долна Белица, во кој едно лице беше убиено, а уште двајца се ранети меѓу кои и братот на познатиот бос, Башким.

Неговата група од Велешта важи за семејство кое ја контролира и "работи# целата струшка територија.

Закани за ексградоначалникот на Струга

Ексградоначалникот Зијадин Села во јуни 2013 година во струшката полиција пријавува дека добивал закани од Дилавер Бојку Леку, сопственик на угостителскиот објект "Блу Скај# што се наоѓа на брегот на реката Дрим, бидејќи општината на сите сопственици на дивоградби покрај Дрим им испратила писмо во кое ги известува да ги отстранат.

-Многу вложив. Ова е семеен бизнис, ми помогнаа повеќемина од семејството. Околу 400.000 евра вложив само од продажба на нивите на татко ми во Велешта. Мислам дека досега сум докажал оти се разбирам и добар сум во водењето бизнис, а Села само знае да урива. Ако градоначалникот ги урне објектите, јас лично ќе ја вратам плажата во првобитна состојба. Тоа значи дека ќе донесам кал, ѓубре и градежен шут оти така ја затекнав кога ја добив концесијата. За да ја уредам плажата донесов 100 шлепери песок од Маврово, а изнесов 50 шлепери шут и ѓубре. Тоа ќе му го вратам, изјави Бојку за медиумите во 2014 година.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари