По повод празникот „Св.Кирил и Методиј"

„Делчево трча за здрав живот"

Улична трка „Делчево трча за здрав живот" по повод патрониот празник на градот „Св.Кирил и Методиј", организира здружението на граѓани „ДРАМАС" во соработка со општина Делчево и здружението на иселениците во Швајцарија „РЕФРАМА"

Организаторите на уличната трка, истакнаа дека уличната трка во Делчево има едниствена цел да се разбуди свеста за значењето на спортот. Трката е најавена за 28 мај во 12 часот, со стартна точка пред ОУ „Ванчо Прке", а победниците ќе добијат медали.

Според Дејан Златковски, мислата „трчај кога ќе можеш, оди ако треба, лази ако мора, само никогаш не се откажувај" на ултрамаратонецот Дин Карназес е мотото на традиционалната улична трка во Делчево.

- Јас би додал дека не е важно колку бавно или брзо се движиш, туку колку долго, изјави Златковски.
И годинава, натпреварувачите се поделени во 10 категории и сите имаат различни должини на патеката за трчање од 400 до 5.000 метри.

- Учениците се поделени во одделенија. Патеката за најмладите до 7 години е со должина од 400 метри, додека за возрасните, над 18 години има две категории, женска трка која е 2,5 километри и машка трка која е 5 километри. Сениорската или патеката за пензионерите ќе биде со должина од 1,2 километри, изјави Златковски.

Во трката учество можат да земат сите граѓани, симболично, на возраст од 2 до 102 години и од сите градови во државата.

Учеството во трката е симболично и чини 30 денари.

На првата улична трка организирана пред две години имало околу 400 учесници, а годинава организаторите очекуваат двојно повеќе учесници кои ќе трчаат за здрав живот во Делчево.

Поврзани

Најнови вести

Коментари