Цуцуловски: Еден ден Македонија ќе ги прогласи за неважечки сите одлуки донесени од нелегална власт

(ФБ статус на универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски)

Во македонската јавност присутен сум повеќе од триесет години. Во овие три децении се јавуваа и се мултиплицираа бројни политички проблеми, кои директно задираа во суштината на македонската држава и на македонскиот народ. Мултиплицирајќи се, проблемите не се решаваа, туку само се повторуваа, добивајќи во интезитет.

Република Македонија се преобрази во голем циркуски рингишпил, на чии седишта доаѓаа и се вртеа различни актери, никогаш нерешавајќи ги проблемите. Се обидував во оваа ц и р к у с и ј а д а, која сѐ повеќе преминува во т р а г е д и ј а д а, да го кажам, или да го напишам, своето мислење. Тоа го правев на различни места, по различни поводи, како и во значаен дел од моите книги. Се обидував да ги објаснам проблемите во кои Република Македонија тонеше.

Претпоставувам дека дел од објаснувањата биле точни, дел биле неточни. Но, не е моја работа да ги оценувам сопствените одговори, мислења или решенија за проблемите кои и понатаму упорно се појавуваат и ќе се повторуваат. На проблемите кои се повторуваат – кои, значи, се исти – човек може да дава единствено исти одговори, исти мислења, исти решенија, освен ако од час до час не го менува своето мислење. Така, и јас почнав да се повторувам во одговорите и анализите.

Колку и да се обидував да им наоѓам поинаква форма, да ги варирам, да додавам нови аргументи, сепак остануваа исти, бидејќи човек кој мисли не може да има различни мислења за исти прашања. И така, тоа траеше нешто повеќе од триесетина години. Повторувајќи се, човек станува досаден самиот на себе.

Претпоставувам дека станува досаден и на другите. Неможејќи и понатаму да го повторувам она што триесетина години го повторувам, овој пат одлучив навистина да паузирам. Фејсбукот, исто така, беше снажно средство да го кажам своето мислење. Но, и на него се јави авторепетиција/самоповторување.

Не би сакал да сум во право, но мислам дека на Република Македонија допрва ќе ѝ се случуваат ирационални нешта. Сепак, тоа не значи нејзин крај. Убеден сум дека еден ден и Македонија ќе има нормална власт, која ќе ги прогласи за неважечки сите одлуки и договори, донесени од н е л е г а л н а власт. Власта е нелегална затоа што: (1) Не постоеше легална основа за давање на втор мандат. (2) Прекинатата Собраниска седница од 27.04.2018 год. можеше да ја продолжи само тогашниот претседавач на Собранието, или негов евентуален заменик. (3) Тоа не беше сторено. (4) Оној што што ја презакажа/продолжи прекинатата седница (за мене останат непознат), како и оној кој претседаваше со неа, тоа го направија надвор од секоја Уставна, законска или деловничка рамка. Кога ќе бидат наведени аргументи дека не било така, јавно ќе се извинам.

Што ќе следи понатму може да се види (барем делумно) од таканаречената Тиранската платформа, која ја приложувам после постов, во делот обезбеден за коментари/comment.

Ви благодарам, фејсбук-пријатели, за соработката, каква и да беше. А, беше секаква: имаше пријатни, имаше и непријатни моменти. Сепак, во сеќавањата остануваат пријатните моменти. Тие беа неспоредливо подоминатни од оние другите, никаквите.

Р.Ѕ. Значајно е да се потенцира дека веднаш после „донесувањето" на законот за јазиците, дел од албанскиот политички блок недвосмислено рече дека тој (законот) е само а в а н с и р а њ е. Главното, значи, допрва ќе следи. Истот го рече и Арбен Џафери 2001 година – Рамковниот договор бил само п а л и ј а т и в н о(!) решение. значи, ќе следи и нешто повеќе од она што е предвидено со Рамковниот договор.

Поврзани

Најнови вести

Коментари