Крива Паланка

Црвен крст со помош за семејство во социјален ризик

Десетина волонтери на Црвениот крст, членови на тимот за промоција на хумани вредности од основно општинско училиште "Христијан Тодоровски-Карпош" од Ранковце, реализираа проект за помош на семејство во социјален ризик од општината

Проектот беше заокружен со хуманитарна театарска претстава, а собраните средства се наменети за тричленото семејство на Орхан Петрушевски, кое нема никакви парични примања.

- Претставата "Малку кавга - многу љубов" е напишана по сопствено сценарио во консултација со наставничките по македонски јазик Марија Јакимовска и Светлана Лазаревска. Прикажана е три пати пред различна публика, а влезниците се продаваа по симболична сума од 50 денари, истакнаа од Општинската организација на Црвениот крст во Крива Паланка.

Проектот опфати и изработка на мартинки и осмомартовски честитки и нивна продажба на пазарот и во институциите во Ранковце и Крива Паланка.

- Оваа активност ја координираше наставничката по ликовно образование Нела Стојчевска, а беа ангажирани и голем број родители, така што проектот навлезе во скоро секој дом во нашата општина, велат волонтерите на Црвениот крст.

Собрани се вкупно 8.300 денари со кои се набавени градежни материјали за да се направат два ѕида во импровизираната куќа на семејството.

Поврзани

Најнови вести

Коментари