На ЕУРМ се одржа 7. меѓународна конференција "Современи аспекти на циркуларната економија"

Циркуларна економија - нов концепт кој позитивно влијае врз економијата и животната средина

Циркуларна економија претставува нов економски модел кој е фокусиран на дизајнирање и производство на конкурентни материјали за повторна употреба, преработка и рециклирање. Циркуларната економија ветува големи можности за приватниот сектор, бидејќи може да доведе до нов и подобар раст на економијата и да ги забрза иновациите

"Современи аспекти на циркуларната економија" беше темата на седмата Меѓународна научна конференција која се одржа на Европски Универзитет – РМ. Целта на конференцијата беше размена на искуства, практики и знаења од областа на циркуларната економија во насока на изградба и воспоставување економски оправдани решенија, што ќе доведат до зголемување на протокот на знаење и соработка помеѓу образовните институции, истражувачките организации и бизнис-секторот за искористување на отпадот, зголемување на профитот и зачувување на животната средина.

Учесниците на меѓународната конференција најпрво ги поздрави претседателот на ЕУРМ, проф. д-р Бојо Андрески, кој рече дека оваа конференција ќе биде поттик да одиме напред и да имаме повеќе членки.

- Се надевам дека ваквите конференции ќе прераснат во пракса, бидејќи ЕУРМ има голем капацитет и секогаш ќе биде отворен за соработка со оние што сакаат да соработуваат, рече претседателот на ЕУРМ.

Ректорот на Европски Универзитет РМ, проф. д-р Лидија Наумовска се осврна на темата циркуларна економија за кој како што рече претставува нов економски модел кој е фокусиран на дизајнирање и производство на конкурентни материјали за повторна употреба, преработка и рециклирање.

- Циркуларната економија ветува големи можности за приватниот сектор, бидејќи може да доведе до нов и подобар раст на економијата и да ги забрза иновациите. Транзицијата кон циркуларната економија би можело да ослободи голем финансиски потенцијал од неколку милијарди долари во новиот економски систем проектиран до 2030 година. Во трудовите на конференцијата ќе бидат посочени примери кои можат да ја инспирираат визијата за кружната економија која го замислува светот без отпад. Истовремено ќе бидат искористени примери за тоа како приватниот сектор влијае врз кружната економија и предизвикува големи подобрувања на продуктивноста, ресурсите, го елиминира отпадот и неефикасноста и придонесува за посилна и поконкурентна економија, истакна проф. д-р Наумовска.

Целта на оваа конференција, како што рече таа е да се анализираат најновите достигнувања, да се согледаат проблемите со кои секојдневно се соочуваме и да се добијат нови идеи.

- Линеарната економија создава огромно количество отпад на планетата поради што се појавуваат глобални катастрофи кои го демнат човештвото. Всушност има една позитивна работа што може да произлезе од ова предупредување, а тоа е повик за будење и свесност. Транзицијата кон циркуларната економија ќе биде еден од големите креативни предизвици на нашето време. Ние веруваме дека дизајнерското размислување е идеален пристап за справување со ваков комплексен, систематски и нејасен предизвик. Создадена за иноватори, научници, претприемачи конференцијата има за цел да ја подигне свесноста за циркуларната економија и да сподели практични иновативни методи, потенцираше ректорот на ЕУРМ.

Таа изрази надеж дека трудовите ќе ги поттикнат читателите да започнат со дизајнирање на нови бизниси кои ќе ни помогнат да ја намалиме сиромаштијата, да ги зголемиме приносите, да се спасат гладните, бегалците, да се спаси човештвото...

Проф. д-р Здравко Скакавац, од Факултетот за правни и деловни студии од Нови Сад, рече дека има добри искуства од досегашната соработка со ЕУРМ со кои има потпишано Меморандум за соработка.

- Се надевам дека во иднина ќе се прошири соработката и ќе се подигне на повисоко нивото. Со професорите од ЕУРМ има простор за поголема соработка, можеме заедно да пишуваме трудови, книги... Она што професорите од ЕУРМ се во предност во однос на нас, се проектите. Јас и моите колеги од Факултетот за правни и деловни студии од Нови Сад за оваа конференција подготвивме седум трудови од различни области кои главно беа поврзани за отпадот, истакна проф. д-р Скакавац.

Како што беше речено на конференцијата, целта е преку научно-истражувачка работа да се поттикне и поддржи транзицијата од линеарна кон циркуларна економија и изградба на модерен концепт на циркуларната економија (производ-отпад- производ), кој настојува да се намали создавањето на отпад, и воедно да се поттикне неговата употреба по пат на рециклирање и создавање на нов производ или енергија од самиот отпад. Ваквиот концепт ќе биде насочен кон заштеда на ресурсите, енергијата, создавање дополнителна вредност, поздрава и почиста животна средина, отворање нови работни места и остварување зголемен профит кој ќе води кон постигнување на одржлив развој на современото општество.

На конференцијата ќе бидат презентирани 50 апстракти од различни области поврзани со темата "Современи аспекти на циркуларната економија" кои потоа ќе бидат објавени во меѓународни списанија.

Поврзани

Најнови вести

Коментари