ПРОМЕНИ ВО АЛБАНСКИОТ ПОЛИТИЧКИ БЛОК

Беса и Алијансата за Албанците и дишат во врат на ДУИ

Денеска и официјално движењето Беса и Алијанса за Албанците објавија дека ќе коалицираат во вториот круг на локалните избори, што ќе се одржи на 29 октомври. Оваа нова коалиција веќе се поставува на политичката сцена како можна втора или прва партија која ќе ги застапува интересите на Албанците во земјава.

Според веќе добро утврдената традиција на политичките играчи на Албанците во Македонија, последните изборни пресметки во Македонија (парламентарните лани во декември и актуелните локални избори) покажуваат дека од политичката сцена полека ја снемува ДПА на Мендух Тачи. Така се случи со ПДП која беше водечка политичка сила на Албанците во Македонија во деведесетите години од минатиот век, по што дојде ДПА на Арбен Џафери и Мендух Тачи со порадикална политичка програма. По ДПА, од лицата во униформите на УЧК се формираше ДУИ, која го презеде водството меѓу Албанците од ДПА.

Парламентарните избори лани во декември и актуелните локални избори покажуваат дека меѓу Албанците во Македонија сѐ попопуларни стануваат Беса и Алијансата за Албанците. И двете партии, кои поставуваат посериозни политички параметри во однос на позицијата на Албанците во македонското општество, по првиот круг од локалните избори најавија директна пресметка со ДУИ за 12 градоначалнички места.

Движењето Беса ќе поддржи пет кандидати за градоначалници на Алијанса за Албаниците, а Алијансата ќе поддржи седуммина кандидати на Беса во општини во кои што тие имаат поголеми шанси за победа.

Ова ќе биде сериозен тест за коалиција во иднина, се согласија денеска претставниците на двете политички партии.

Ако се пресметаат гласовите за кандидатите за градоначалници на овие партии, ДУИ освои 100.750 гласа, а новата коалиција меѓу Беса и Алијансата за Албанците освоија 97.312 гласа (47.296 за Алијансата за Албанците и 50.021 за Беса). Меѓутоа, истата пресметка покажува дека со спојување на гласовите од Беса и Алијансата за Албанците, речиси во сите општини во кои ќе има втор круг од локалните избори, нивната коалиција добива повеќе гласови од ДУИ, освен во Липково. Така, во Чаир, ДУИ доби 11.860 гласови, но Беса и Алијансата заедно имаат 12.529 гласови. Во сарај двете партии далеку заостануваа зад ДУИ (7.963), но заедно имаат 7.773 гласови. Во Желино и во Теарце, исто така ја надминуваат ДУИ според бројот на освоени гласови.

Во Тетово, каде што ДУИ освои 13.265 гласови, Беса и Алијансата за Албанците заедно имаат 13.641 (4.874 Алијанса за Албанците+8.767 Беса), во Боговиње новата коалиција далеку ја надминува ДУИ, во Врапчиште излегува пред ДУИ за околу 500 гласа, а во Гостивар за повеќе од 2.000 гласа. Таму ДУИ доби 12.095 гласа, а Алијансата и Беса заедно 14.704. Слична е ситуацијата и во Дебар, а во Струга, со новата коалиција ДУИ заостанува за околу 2.500 гласа.

Шефот на општинскиот изборен штаб на ДУИ во чаир, Бујар Османи денеска изјави дека коалициите се прават врз основа на комплементарноста на идеите, а не на договори за контингенти гласови.

„Коалицијата на ДУИ и СДСМ во Чаир и Скопје се темели врз основа на заеднички програмски заложби и беше јавна, а од друга страна имаме тајни коалиции и контингенти на гласови кои се даваат меѓу партиите што идеолошки не се поврзуваат", рече Османи и додаде дека ДУИ е апсолутен победник на овие избори меѓу албанските партии и се покажа како автентичен заштитник на Албанците.

Поврзани

Најнови вести

Коментари